Иако Радован Караџиќ официјално инсистира на суверенитет на српскиот народ на 64 проценти од територијата на БиХ и евентуална конфедерација со Србија, тој сепак бил подготвен да прифати помалку од тоа, се наведува во документот кој што го објави ЦИА.
Имено, овие податоци, кои што се наоѓаат во документот од 5-ти септември 1995 година во текст под наслов „Караџиќ ја игра животната улога“, се сугерира дека не бил расположен за конфедерација со Србија, бидејќи тоа можело да ја намали неговата политичка слика.
-Нема сомнеж дека тој ужива во позицијата лидер на босанските Срби и како фактор во меѓународните преговори. Караџиќ сигурно беше колеблив да прифати спојување на територијата на босанските Срби со Србија, бидејќи голема Србија можеше да ја намали неговата улога, сметаат аналитичарите на ЦИА.
На основа на овие проценки, ЦИА дава конкретни препораки како американските дипломати да се однесуваат кон Караџиќ. Првин напоменуваат дека тој не е подготвен да се жртвува и покрај јавните настапи во кои што тврди спротивно.
Аналитичарите на ЦИА напоменуваат дека Караџиќ во почетокот на деведесетите години веројатно искрено мислел дека Србите се загрозени и дека е потребно да се заштитат поради ерозија на Југославија.
-Но, како што неговата моќ започна да расте со помош на армијата на босанските Срби, почна да се зголемува и неговото чувство за важност-сметаат тие.
Елена Георгиевска