Американското федерално истражно биро (ФБИ) во април 1955 година добило дојава дека човекот, кој се претставува како маршал Тито не е вистинскиот Јосип Броз, туку руски агент.
Во еден од документи од кои Вашингтон неодамна ја отстрани ознаката за доверливост, стои дека идентитетот на вистинскиот Тито, кој исчезнал во 1937 година во Русија, го зел Николај Лебкдев.
Пријавата ја поднел извесен Марјан Џон Маркул, натурализиран Американец роден во Ливно, кој се декларира како социјалист подготвен да обелодени информации, кои би можеле да бидат од важност за безбедноста на САД, пишува „Јутарњи.хр“.
Како што се наведува во документот, Маркул го познавал Тито пред војната, а во 1928 година разговарал со него. Следниот пат кога во 1953 година се сретнале, тој забележал дека Тито имал по пет прсти на двете раце, иако на вистинскиот Јосип му недостасувале показалецот и средниот прст на левата рака.
Во документот на ФБИ пишува дека човекот кој што го примил Маркул во 1953 година, бил сосема поинаков од вистинскиот Тито, и дека тој за својот сомнеж разговарал со својата сестра Ана во Загреб.
Сестра му тогаш му рекла дека таа и нејзиниот сопруг, како и некои други луѓе во Југославија не веруваат дека човекот кој се претставува како маршал Тито, е вистинскиот Тито.
Според наводите во документот, Маркул тврди и дека неговиот татко Иван кој го познавал Тито и работел во ист град со него, изјавил дека претседателот на Југославија не е човекот, кој во 1937 година бил секретар на Комунистичката партија.
Поради тоа Маркул разговарал со Александар Ранковиќ, тогашниот шеф за безбедност кој рекол да не се грижи за тие работи, туку да ужива во посетата на Југославија.
Во документот Маркул тврди дека Живко Топаловиќ може да ги потврди неговите зборови, односно дека лицето кое се претставува како Тито е рускиот генерал Николај Лебкдев.
Е. Г.