Пред три години, Република Бугарија и Република Северна Македонија отворија нова страница во нивните односи. Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година ќе остане едно од најважните настани во современоста на нашиот регион, стои во соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи по повод 3 години од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија.
Успехот постигнат пред 3 години го отвори патот за европска интеграција на Република Северна Македонија и нејзино членство во НАТО. Европската перспектива е таа што ги обединува сите на Балканот и е клучен двигател за реформи, постигнување стабилност и економски просперитет, јави Бгнес цитирајќи го документот.
„Бугарија останува цврсто убедена дека европскиот проект нема да биде завршен без пристапување на нашите соседи во регионот. Ја поздравуваме одлуката донесена во март годинава за почеток на преговори за членство со Албанија и Република Северна Македонија. За Бугарија, главниот критериум за подготвеност за приближување кон ЕУ останува одржувањето на искрените добрососедски односи, заедно со владеењето на правото и основните права. Ние веруваме во добрососедските односи како основна европска вредност и во таа смисла целосното и совесно спроведување на Договорот од страна на Република Северна Македонија е клучен услов за понатамошниот напредок на земјата кон интеграцијата во ЕУ“, стои во соопштението.
Со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година, Република Бугарија и Република Северна Македонија направија важен чекор за воспоставување на односите меѓу двете држави на нивно соодветно ниво како односи меѓу најблиски соседи и пријатели. Тие ветија дека ќе работат на зајакнување на економската соработка и инфраструктурната поврзаност, зајакнување на образовните и културните врски и контакти меѓу бизнисот и луѓето од двете страни на границата, додава бугарското МНР.
Третата годишнина од потпишувањето на Договорот дава можност да се анализираат постигнатите и да се идентификуваат конкретни чекори за постигнување на поставените цели во него. Несомнено, еден од неговите најважни аспекти е работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Во овој контекст, Бугарија очекува Комисијата во најскоро време да ги продолжи своите активности и да оствари вистински напредок во својата работа врз основа на објективно толкување засновано на автентични историски извори засновани врз докази.
„Денес, политичарите од двете страни имаат задача да покажат одговорност и да го потврдат изборот што го направија пред 3 години и, врз основа на нашето заедничко минато, да ја изградиме нашата заедничка европска и евроатлантска иднина“, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.