Портпаролот на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, изјави дека не можат да потврдат постоење на нон-пејпер предаден од страна на словенечкиот премиер, Јанез Јанша како што јавија повеќе медиуми во регионот.
-Не можам да потврдам дека го добивме тој нон-пејпер, кусо одговори портпаролот на Мишел иако неколку часа претходно од прес службите на Мишел стигна потврда за постоењето на нон-пејперот.
Од вчера медиумите во регионот јавуваат за нон-пејпер што му го предал Јанез Јанша на Шарл Мишел во кој се наведува стратегија за “финализирање на распадот на поранешна Југославија“, меѓу другото преку поделба на Босна и Херцеговина, но и на Северна Македонија, Косово и Црна Гора.
Јанша ја демантираше оваа информација, додека европратеничката од Словенија, Тања Фајон, изјави дека стратегијата на словенечкиот премиер може да доведе до “нова војна на Балканот“.
Босанските медиуми јавуваат дека членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, изјавил дека во ЕУ “сѐ почесто се споменува мирна поделба на Босна и Херцеговина“, повикувајќи се на потврда од словенечкиот претседател, Борут Пахор.
Словенија треба да го преземе претседателство со ЕУ на први јули оваа година.
Западниот Балкан од почетокот на оваа година не е веќе формално на дневен ред на министерските состаноци за надворешни и европски работи откако во декември 2020 целосно се отстранија заклучоците за проширувањето во Советот на ЕУ поради несогласувањата со Бугарија која бараше во заклучоците да стои реченица поврзана за “погрешното толкување на историјата“, на што се спротивставија неколку земји членки на ЕУ кои предупредија дека билатералните историски прашања не смеат да бидат дел од процесот на проширување.
Оттогаш девет земји членки, главно од источна Европа, побараа да се врати проширувањето на дневен ред во Советот со што се согласи и шефот на ЕУ дипломатијата, Жосеп Борел. Тој најави дека би требало на 19 април повторно да се врати на дневен ред западниот Балкан, иако фактот што средбата ќе биде виртуелна наместо физичка отвора простор повторно да биде откажана темата.