Претседателот на Генералното собрание на ОН, Вук Јеремиќ претендира да го замени Бан Ки-мун на местото генерален секретар на ОН, пишува српски „Блиц“. Дневниот весник наведува дека големи шанси за таа функција има и Мирослав Лајчак.
Весникот вели дека Јеремиќ би можел да ја добие поддршката на Русија и Кина, но се очекува огромно спротивставување од САД. Анонимен американски дипломат за „Блиц“ го објасни можното сценарио за избор на иден генерален секретар на ОН, со оглед на тоа дека тој би требало да биде од некоја источно-европска држава.
„Во првиот круг Русија веројатно ќе предложи свој човек, додека кандидат на САД би бил некој од балтичките држави. Во вториот круг, САД би можеле да предложат некој од Полска, а Русија, Јеремиќ. Бидејќи САД не сакаат ни да слушнат за Јеремиќ, компромисно решение ќе биде човек од Чешка или Словачка“, наведува неименуваниот извор за „Блиц“.
Во тој случај се шпекулира дека сериозни шанси да го замени Бан има шефот на словачката дипломатија Лајчак, кој ужива углед во меѓународните дипломатски кругови.
Мандатот на Бан истекува во декември 2016-та година. Следниот генерален секретар на ОН се очекува да биде од некоја од источно-европските држави. Генерален секретар на ОН се бира на период од пет години.