Белград и Приштина постигнаа договор за Заедницата на српски општини. Двете странио побараа од Европската унија уште малку време за да ја подготват својата јавност, објави денеска српскиот весник „Блиц“ повикувајќи се на извори од Брисел.
– Мисијата на високиот претставник на Европската унија, Кетрин Ештон успеа и што се однесува на договорот меѓу Србија и Косово за воспоставување и надлежностите на Заедницата на српски општини во Косово е постигнат. Меѓутоа и едната и другата страна побараа уште малку време за да ја подготват својата јавност за договорот, бидејќи и двете страни мораа да се откажат од дел од барањата за да биде постигнат договорот. Тоа што предизвика загриженост во Брисел е изјавата на претседателот Томислав Николиќ по состанокот со Ештон дека „Приштина направи отстапки“, бидејќи тоа можеше да доведе до пропаѓање на договорот, пишува „Блиц“.
Косовскиот премиер Хашим Тачи очекува посетата на Ештон на Приштина да биде поттик за постигнување на договор за нормализација на односите со Белград.
– Најдобариот доказ дека е постигнат договор ќе го даде Кетрин Ештон, која вечерва треба да пристигне во Приштина, каде ќе разговара со косовските претставници. Доколку по посетата на Приштина го посети и Белград тоа ќе биде сигурен знак дека е постигнат договор, наведува „Блиц“.
Договорот со Приштина е клучен услов Србија да добие датум за отпочнување на преговори со ЕУ, за што ќе се одлучува на 16 април.