Без политичка волја и ангажираност поддршката од ЕУ има мало влијание врз реформите за владеење на правото на Западен Балкан

Од:

Дејствувањето на Европската унија има мало влијание во унапредувањето на основните реформи на владеењето на правото на Западен Балкан, оценува специјалниот извештај на Европскиот суд на ревизори (ЕСР).

Според извештајот, во регионот се случуваат одредени технички и оперативни реформи, но во контекст на недоволната политичка волја и неангажираноста, поддршката на ЕУ главно е недоволна за справување со постојаните проблеми во области, како што се независноста на судството, концентрацијата на моќта, политичкото мешање и корупцијата, велат ревизорите.

Според Јухан Партс, член на Европскиот суд на ревизори одговорен за извештајот, поддршката на ЕУ за владеењето на правото на Западен Балкан очигледно не e успешна во донесувањето целосна промена.

– Скромниот напредок постигнат во изминативе 20 години ѝ се заканува на целосната одржливост на поддршката на ЕУ што се дава во согласност со процесот на пристапување. Постојаните реформи го губат кредибилитетот ако не се остварат опипливи резултати, порача Партс.

За да се одговори зошто напредокот не е како посакуваниот или очекуваниот, Партс на брифингот со медиуми, посочи дека е потребно да се разбере контекстот и да се пристапи кон специјално кроени реформи за секоја земја.

– Важен елемент е прозорецот на можности. Тоа значи дека желбата за клучни реформи не трае вечно и доколку не се завршат во разумно време, тогаш почнува да се чувствува замор од реформи и реформските напори почнуваат да опаѓаат. Ова сметам дека е случајот со Западен Балкан, изјави Партс.

Реалноста, нагласи Партс, е дека сите индикатори во последните пет-шест години остануваат стабилни или назадуваат и речиси нема напредок во регионот, со исклучок на некои помали сектори во некои земји.

Одговарајќи на новинарско прашање од МИА за позицијата на нашата земја во извештајот, Партс вели дека Северна Македонија во некои индикатори покажува одреден напредок во последните пет години, но проблемот е доколку се комбинираат сите тие индикатори, кои ја даваат пошироката и пообјективна слика за владеењето на правото, тогаш земјата не може да се посочи како пример за напредок.

Теодорос Орфанос, исто така член на Европскиот суд на ревизори, посочи дека иако целта на извештајот не е да прави специфични проценки за земјите поединечно, сепак има некои позитивни развои во Северна Македонија кои се посочуваат во извештајот.

– Поспецифично ова се однесува на давањето поактивна улога на граѓанските организации во реформата на разузнавачкиот сектор и со акцискиот план 21 во борбата против корупцијата. Сепак, не може да кажеме дека има значителна разлика во напредокот на Северна Македонија во однос на останатите земји. Има кластери со напредок во сите земји, но тие се изолирани и често не успеваат да дадат конкретна промена во состојбата со владеењето на правото, изјави Орфанос.

Извештајот на ЕСР покажува дека наспроти повеќедецениската политичка поддршка и финансиска помош од ЕУ, во голем број земји на Западен Балкан опстојуваат основните проблеми, како независноста на судството, борбата против корупцијата и слободата на изразување.

– Ревизорите препорачуваат Европската комисија да го зајакне механизмот за промовирање на реформите на владеењето на правото, да ја зголеми поддршката за организациите на граѓанското општество и за изворите на независните медиуми, поблиску да го поврзува финансирањето со напредокот во однос на владеењето на правото и да го унапредува известувањето за проекти и нивното следење, препорачува извештајот на ЕСР.

Би можело да ве интересира

Трамп размислува да го именува Ричард Гренел за специјален пратеник за руско-украинскиот конфликт

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија