Атина истапи со позитивна и агресивна дипломатија во врска со прашањето за името на Македонија, изјави грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос во интервју за весникот „Параполитика“.
Тој повтори дека Атина предложи потпишување на Меморандум за разбирање со „што ја поврати иницијативата и кој има за цел да го зајакне процесот на преговори што се води во рамките на ОН“.
– Со конкретни предлози и чести контакти притискаме за решение кое ќе ги почитува историјата и културата на двете земји и нема да остави простор за национализам, рече Аврамопулос.
Според него, финансиската криза што ја зафати Грција го отежнало и спроведувањето на надворешната политика воопшто.
– Но сега земјата се враќа со иницијативи, присуство, глас и углед на меѓународната арена, нагласи шефот на грчката дипломатија додавајќи дека главна цел на надворешната политика сега е „да се нагласи стабилизирачката улога што Грција ја има во пошироката геополитичка средина“.