Појавата на прашањето за Скопје и серијата настани кои не донесоа добри резултати, како и ставот на Грција во периодот на распадот на Југославија, го намалија влјанието на Атина во регионот.
Ова го напиша грчкиот министер за одбрана Димитрис Аврамопулос во текст за неделното издание на весникот „Катимерини“, посветен на „новата геополитичка улога на Грција“.
Според него, „важно е да се истакне дека соседните земји гледаат на Грција како на врата кон Европската унија, но и како на модел за модерна демократија, развој и напредок“. Иако не дообјаснува со аргументи, тој повторува дека „Грција во изминатите децении имала многу важна улога како мост на земјите од Југоисточна Европа кон Европа, а преставувала и столб на стабилност во поширокиот регион“.
Аврамопулос подвлекува дека и покрај кризата во Еврозоната која се уште трае, „Грција се враќа во својата геополитичка средина и презема нова улога“.
„И покрај кризата во Еврозоната која се уште трае, нашата земја се враќа во нејзината геополитичка средина,преземајќи нова улога со убедливи аргументи, оставајќи ја зад себе изолацијата која во изминатите неколку години доведе до затвореност и особено негативна психологија“, пишува грчкиот министер за одбрана.
„Оваа нова геополитички стабилна и стабилизирачка улога на нашата земја ја носиме и во нашите односи со соседните земји, Европа и САД, без да ја оставиме традиционалната мултидимензионална надворешна политика и цели во поширокиот географски регион и светот“ , коментира Аврамопулос.
Поранешниот министер за надворешни работи со отворени пофалби за својата работа во грчкото МНР подвлекува дека „редефинирањето на стратешните односи со САД, што е резултат на иницијативите на грчката дипломатија во изминатата година, доведоа до зајакнување на стратегијата на Грција и уште еднаш и ги отворија меѓународните хоризонти на земјата“.
Според Аврамопулос, „грчкото претседателство со Европската унија од 1 јануари 2014 година е можност за повторно претставување на Грција на геостратешката сцена, но и значаен придонес на Атина за ревитализација на трансатлантската алијанса, која историски е конституирана како фиксна оска на соработка и обединет фронт за решавање и надминување на кризите и заканите за глобалното општество“.