Грција презеде значајни иницијативи во контекст на напорите за решавање на прашањето за името, како што е нашиот предлог за потпишување меморандум за разбирање со Скопје, но не видовме одговор од другата страна, изјави грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос по денешната средба со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Њујорк.
– Се надеваме, и го мислиме тоа, дека во соседната земја наскоро ќе се создадат услови кои ќе доведат до поконструктивен став од страна на властите, рече Аврамопулос.
Шефот на грчката дипломатија соопшти дека го информирал Бан Ки Мун за напредокот во преговорите за прашањето за името и позициите на Грција, при што ја нагласил „силната посветеност на земјата да се направи напредок во напорите што ги вложува медијаторот Метју Нимиц во изминатите 20 години, кого Грција целосно го поддржува“ .