Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос денеска во Њујорк ќе се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун со кого, меѓу другото, ќе разговара и за прашањето за името на Македонија.
Покрај текот на преговорите за името, тема на разговорите ќе биде и кипарското прашање по претседателските избори на Кипар, чиј втор круг ќе се одржи во недела, како и прашања поврзани со стабилноста и безбедноста во поширокиот регион на Југоисточна Европа, на Блискиот Исток и во Северна Африка.
Дипломатски извори за грчките медиуми изјавиле дека средбата во Њујорк се одржува во чувствителен период за двајцата дипломати, поради кризата во медитеранскиот регион и ситуацијата во Сирија.
Средбата на Аврамопулос со Бан Ки Мун се одржува нецел месец по последната рунда разговори на медијаторот Метју Нимиц со претставниците на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис во Њујорк. По тој состанок, медијаторот најави нови средби со преговарачите кои би требало да се одржат во март.
Шефот на грчката дипломатија во Њујорк ќе се сретне и со грчки иселеници и бизнисмени, а потоа заминува во официјална посета на Канада.