Нови протести против владата на Бојко Борисов вечерва се одржуваат во Софија, Варна, Стара Загора, Бургас и во неколку други градови во Бугарија. Главните барања на демонстрантите се оставката на владата и главниот обвинител.
Протестите засега се мирни, а забележано е зголемено присуство на полицијата во сите градови.
Слоганите под кои протестираат бугарските граѓани се: „Протестирам за да не емигрирам“, „Сакаме иднина за нашите деца“, „Бугарија на народот, а не на мафијата“. Претставници на демонстрантите изјавија дека немаат намера да го блокираат сообраќајот и дека вечерва ќе стојат и упорно ќе повикуваат на оставка на владата. .
Протестите започнаа минатата недела, откако опозицискиот политичар Христо Иванов бил спречен да пријде на јавна плажа на Црното Море од страна на агенти на државната безбедност, кои ја обезбедувале блиската вила на Ахмет Доган, поранешниот претседател на Движењето за слободи и права. Иванов го обвини Борисов, дека му овозможува на Доган, кој се смета за еден од најмоќните луѓе во земјата, да присвојува јавен имот и да користи пари на даночните обврзници за да го штити контроверзниот политичар, иако тој не е на никаква функција во моментов.
Кон протестите во изминатите денови се приклучија и илјадници граѓани незадоволни од нивото на корупција во Бугарија и од лошиот животен стандард и економските проблеми кои се резултат на пандемијата на коронавирусот.