Амбасадорката на САД во Тирана, Јури Ким, денеска имаше средба со премиерот Еди Рама, пред неговата најавена посета на Вашингтон.
Амбасадата во објава на Фејсбук пишува дека на средбата таа ја поздравила „силната и принципиелна поддршка на Албанија за Украина наспроти руската агресија“.
„Амбасадорката Ким денеска се сретна со премиерот Еди Рама пред неговата посета на Вашингтон. Таа ја поздрави силната и принципиелна поддршка на Албанија за Украина наспроти руската агресија, и како сојузник на НАТО и во Советот за безбедност на ОН, каде што САД се горди што ќе работат со Албанија за прашањето за Украина“, стои во објавата.
Се додава дека за време на средбата, таа нагласила оти борбата против корупцијата е врвен приоритет за САД, истакнувајќи дека товарот на одговорност е „природно поголем на оние кои владеат“.
„Амбасадорката Ким подвлече дека борбата против корупцијата е врвен приоритет за САД, истакнувајќи дека товарот на одговорност е природно поголем на оние кои владеат. Тие разговараа и за важноста на зајакнувањето на демократските институции, историскиот напредок во зајакнувањето на нашите одбранбени односи и понатамошните чекори за зголемување на трговијата и инвестициите меѓу САД и Албанија, информира Амбасадата.
Кон средината на месецов Рама ќе учествува на следниот состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации а потоа ќе отпатува во Вашингтон, каде ќе се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Тоа ќе биде втора средба меѓу Рама и секретарот Блинкен, по онаа од 13 јуни 2021 година во Брисел, каде што САД и Албанија потпишаа меморандум за 4G и 5G безбедност.
Извор: МИА