Во текот на минатата година околу 44.000 албански граѓани ја напуштиле земјата, што е највисоко ниво на емиграција од 2014 година, потврдуваат статистичките податоци, објавени од албанскиот Институт за статистика, ИНСТАТ.
-Додека се повеќе луѓе бегаат, се помалку и помалку претпочитаат да се вратат. Околу 20.700 емигранти се вратиле во земјата, што е најниско ниво од 2010 година, од кога ИНСТАТ почна да објавува податоци за тоа. Како последица на тоа, нето миграцијата, односно разликата меѓу оние што заминуваат и оние што се враќаат, минатата година е околу 23.000 што е највисоко ниво од 2011 година, од кога институтот почна да прави споредба, наведува агенцијата Балкан веб.
Од 2016 година, се забележува зголемување на тенденцијата „да се побегне“ од земјата, кога се враќа вториот бран на емиграција во земјата, иако е на пониско ниво во однос на 1990-2000 година.
Во периодот 2011-2019 година земјата ја напуштиле околу 400.000 лица. Во истиот период, се вратиле 236.000 ,што значи околу 164.000 нето бројка на лица кои ја напуштиле Албанија.
-Масовната миграција и намалениот прираст на населението се очекува да има негативно влијание во иднината на земјата, како во однос на продуктивноста на трудот така и во пензиската шема. Во последниве години, бизнисите се соочуваат со недостиг квалификувана работна сила, како резултат на зголемената тенденција на професионалци да бегаат, особено специјалисти за информатичка технологија и доктори и медицински сестри, констатира агенцијата.
Според истиот извор ситуацијата создадена од Ковид-19 привремено го намали трендот на емиграција, но доколку се зголеми сиромаштијата во земјата, оваа појава може повторно да заживее.