Афера Галеника: Осуммина уапсени поради 12 милиони евра

Од:

Управата на криминалистичката полиција во Белград денеска уапси осум лица поради злоупотреби, со кои компанијата „Галеника“ е оштетена за околу 12 милиони евра во текот на 2009 и 2010 година.

Сите уапсени се приведени со кривични пријави во Обвинителството за организиран криминал и во текот на денов ќе започне нивно сослушување.

Според обвинителот за организиран криминал Миљко Радисављевиќ, истрагата на Обвинителството поврзана за „Галеника“ се уште не е завршена, бидејќи се проценува дека вкупната загуба на компанијата изнесува повеќе од 100 милиони евра.

– Работата се уште не е завршена. Забележана е загуба на „Галеника“ од над 100 милиони евра. Денеска зборуваме за штета од 12 милиони евра, а треба да се објасни што се случило со останатите 88 милиони и каде исчезнале тие пари, нагласи обвинителот.

Меѓу уапсените се наоѓа и поранешниот генерален директор на „Галеника“ Ненад Огњеновиќ, близок до Социјалистичката партија на Србија (СПС).

Обвинителот истакна дека во текот на попладнето биле извршени претреси во станбените објекти на осомничените и донесени се решенија за нивно апсење. По сослушувањето ќе биде донесена одлука за натамошна постапка и евентуални предлози за одредување притвор.

– Активностите кои се денеска третирани се однесуваат на работењето на „Галеника“, „Фаматрејд“ и „Велефарм“, во што учествувала и АИК Банка, нагласи Радисављевиќ.

Директорот на полицијата Милорад Вељовиќ претходно изјави дека со повеќе пати зголемените цени при набавка на суровини за лекови, „Галеника“ е оштетена за околу седум милиони евра, за два милиона евра при набавка на скулптури од леарницата „Јеремиќ“, од кои најскапата чинела 650.000 евра и нема никаква уметничка вредност, а за повеќе од два милиона евра компанијата претрпела загуби со продажба на готови лекови без одлука на управувачките органи.

Неколку од купените скулптури се поставени во кругот на претпријатието, еден дел е подарен како донации, а најскапата досега не е подигната од леарницата „Јеремиќ“.

На прашањето во која насока ќе се движи истрагата и дали можеби ќе стигне и до некои политичари, Радисављевиќ одговориле дека Обвинителството нема однапред дефинирани мети, ниту потенцијални осомничени лица, и дека се обидува врз основа на егзактните податоци до кои доаѓа во постапката да дефинира кој ќе се најде меѓу осомничените.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ и лидер на партијата СПС, со која се поврзува уапсениот директор, по денешното апсење оцени дека институциите си ја вршат својата работа, порачувајќи дека кој и да правел незаконски работи нема да биде поштеден врз основа на партиската припадност.

Српскиот вицепремиер Александар Вучиќ, исто така, изјави дека државата покажала дека има нулта толеранција кон криминалот и корупцијата.

Би можело да ве интересира

Изгласана е новата Влада на Србија на чело со премиерот Милош Вучевиќ

(ВИДЕО) Уапсени 13 лица – мрежа на измамници преку кол центри од Србија украле милион евра од Германци

Анита Петровска Рајковиќ

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Србија ги качи акцизите за гориво, кафе, алкохол

А1он

Вучевиќ ги соопшти имињата на министрите во српската Влада

Земјотрес во Србија