Економист – Лондон
Колку е голем светскиот апетит за нешто данско? Светскиот телевизиски аудиториум веќе е навлечен на дански ноар телевизиски серии, како „The Killing“ и „The Bridge“ и збесна по новата нордиска кујна од Нома, копенхашкиот трендсетерски ресторант.
Есенва, издавачи ги тестираат границите на новата даноманија. Пред Божик ќе излезат барем девет книги на англиски јазик посветени детално да го објаснат толку посакуваниот квалитет наречен „хајџи“ (hygee).
Тешко е да се изговори. Уште е потешко да се објасни. Авторите на книгите се обедуваат со „уметноста на интимноста“, „опуштеност на душата“ и „какао покрај свеќа“. Тоа е повеќе став отколку некаков рецепт, потсетува на опуштеност со близок пријател или со семејството.
Многумина го сметаат тоа за клучниот елемент на данскиот национален карактер.
За ова има и докази: во Европа, Данците се најголемите потрошувачи на свеќи (по шест килограми) по жител годишно. Втората, Австрија успева да потроши само половина од тоа. Данска често води и на (прилично субјективните) рангирања за најсреќна земја на светот, а хајџи е дефиниција за начинот на кој странците го имитираат данскиот балансиран, релаксиран и егалитарен животен стил.
Но, не сите Данци се согласуваат со тоа. Јепе Троле Чинет, антрополог на Универзитетот на Јужна Данска смета дека хајџи не е значајна социјална избалансираност, како што тоа изгледа.
Данците не сакаат класни разлики, но неговото истражување открива дека навиките за хајџи варираат од личните приходи и од социјалниот статус. За некои, хајџи е шише бургундец покрај софт-џез на хај-фај; за други тоа може да биде лименка пиво додека гледа фудбал на телевизија.
Што е уште полошо, различни групи не се воодушевени кога други го интерпретираат хајџи. Линет го нарекува ова „двигател за социјална контрола“, во кое е вклучено „негативно стереотипно определување на социјални групи, кои се сметаат дека се неспособни да си создадат хајџи“.
Од ова, хајџи потсетува на германскиот квалитет за „гемитлихкајт“, што исто наведува на чувството на опуштеност, смиреност на умот и – најважно – социјална прифатеност. И иако желбата за заедништво не ја поттикнува социјалната солидарност, тоа исто значи и да се исклучат странците.
Да се биде хајџи со локалните сожители не е секогаш лесно; во Данска дури и во преполните автобуси може да биде морничаво тивко. Данците ја имаат репутацијата на индиферентност.
Едно неодамшно истражување за квалитетот на животот на иселени лица од 67 држави низ светот, кое го направи организацијата ИнтерНејшнс, го отфрла ова. Можеби Данците се рангираат на врвот заради среќата, но мигрантите во истражувањето ги рангираат на 60-то место во однос на љубезност, 64-то во чувството на добредојденост и на 67-мо место за леснотијата да се најдат пријатели.
Непосредно пред Данска во истражувањето за наоѓање пријатели се најде и Норвешка, земјата од која Данска го увезе зборот хајџи. Ако културите се опседнати со радоста од опуштеноста со стари пријатели, можеби е затоа што е стресно да се најдат нови.