Железничката станица во Прага – „Праг-Бубњи“, од која во гетата и нацистичките логори во периодот 1941-45 биле однесени десетици илјади чешки Евреи, ќе биде претворена во меморијален центар.
Чешките Евреи и преживеани жртви на Холокаустот веќе со години инсистираат токму станицата „Праг-Бубњи“ да стане „Меморијал на Холокаустот Прага“.
Минатата година, оваа станица беше домаќин на една театарска трупа која со воз патуваше низ Чешка и Полска и изведуваше претстава за Холокаустот.
– Меморијалот нема да биде класичен музеј, туку повеќе место на кое ќе можеме да разговараме за Холокаустот, рече иницијаторот на меморијалот, филмскиот режисер Павел Штингл.
– Ние сега сме на почеток од патот. Доколку се оди според планот, меморијалниот центар ќе биде отворен за четири години, додаде тој.
Во меѓувреме, во станицата ќе бидат организирани бројни привремени изложби, а прва од нив е „Кадиш“ на хебрејски.