По веста за смртта на познатиот југословенски и српски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина денеска во болница во Белград од компликации поврзани со коронавирусот, фановите ширум поранешна Југославија се потсетуваат на трагите што тој ги остави во музичкото и културното наследство на ескјугословенскиот простор. Многубројни се коментарите на луѓе кои сметаат дека Балканот уште долго време нема да изнедри поет, бард и романтичар од негов калибар.
Меѓу стотиците анегдоти и ситуации од исполнетиот живот на Ѓоле кои сега се споделуваат, една тажна приказна фрли сенка врз кариерата и врз приватниот живот на Балашевиќ, а таа е поврзана со неговите родители.
Таткото на легендарниот музичар, Јован Балашевиќ, и неговата мајка, чие полно име е Вероника Елвира Матилда, а моминско презиме било Доленец, никогаш не се помириле со одлуката на Ѓоле професионално да се занимава со музика. Тие сметале дека тој треба да работи во струката за која се школувал, но никогаш не го завршил факултетот – географијата.
И покрај тоа што не одел во музичко училиште, Балашевиќ уште во детството научил да свири неколку инструменти и почнал да пишува поезија и да компонира. Немирниот дух на Ѓоле и неговиот уметнички порив и талент, „влечеле“ кон живот посветен на стиховите и музиката, осветлен од рефлекторите на сцената.
Револтирани поради тоа што не ги послушал и во знак на протест поради неговиот избор да ја напушти гимназијата во третата година, без да матурира, Јован и Вероника Балашевиќ никогаш не отишле да го гледаат својот син кога настапува во живо.
И покрај овој тврд став на родителите, кој беше надвиснат врз Балашевиќ за време на целата негова кариера, во потег што е својствен за него, легендарниот кантавтор им чуваше две празни места на секој негов концерт, каде и да се одржуваше тој. Сепак, надежта дека тие еден ден сепак ќе попуштат и ќе покажат дека го поддржуваат неговиот избор, на крајот се покажа како залудна. Ѓоле никогаш не им пееше на своите мајка и татко, кои починаа пред децении, без да видат како настапува нивниот славен син.
За време на најуспешните денови од кариерата на Балашевиќ, јавноста знаеше многу малку за неговиот однос со родителите, но во неговите песни тој вметнуваше стихови од кои се наѕираше болката што му ја предизвикува таа тема. Своето прво музичко издание и воедно првиот албум на групата „Рани мраз“, снимен со пејачката Биљана Крстиќ, Ѓоле го нарече „На мојата мајка, наместо матурска слика во излогот“.
Балашевиќ го поминал детството во куќата на новосадската улица „Јован Цвијиќ“. Бил мирно и интелигентно, музикално дете, а научил да чита со помош на постарата сестра Јасна, со која бил многу близок, а која починала пред неколку години. Според српските медиуми, Балашевиќ никогаш јавно не зборувал за својата сестра. Во куќата во Нови Сад која ја наследил, опеана во неговиот хит „Неки нови клинци“, Ѓоле подоцна го оформил и неговото семејство, со сопругата Оливера и трите деца: Јована, Јелена и Алекса.