Консумирањето алкохолни пијалоци на отворени површини во сопственост на градот Љубљана и натаму ќе биде дозволено, за разлика од ситуацијата во некои други словенечки градови каде со општински уредби е воведена забрана.
-Се согласувам дека алкохолот е проблем, посебно меѓу младите, но начелно сум против таквата забрана, порача љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ.
Предлогот за забрана за користење алкохол на отворено потекна од опозициската партија „Нова Словенија“, која побара и казнување на „непослушните“ со 100 евра, но не доби поддршка.
Според податоците што ги изнесуваат психолози и социјални работници, темелени на истражувања, консумирањето алкохолни пијалоци го признаваат 85 отсто од словенечките 15-годишници, но и повеќе од 40 проценти од младите на возраст од 11 години.
Стручњаците предупредуваат дека односот на младите кон алкохолот се создава во самото семејство и со толеранција на пошироката општествена заедница кон овој вид зависност, додека „прохибицискиот“ ефект од забраната за опивање на отворено може да биде и контрапродуктивен.
Забавите на младите со алкохол купен во блиските продавници, што стануваат актуелни со доаѓањето на потоплите денови во годината, на своите јавни површини и во парковите веќе ги забранија општинските власти во Велење, Птуј, Кршко…