Стотина фосили од праисториско морско животно, се пронајдени во Канада, што нуди доста податоци за овој грабливец од важен период во еволуцијата на животот на Земјата.
Животното е наречено „камброрастер фалкатус“. Се смета за далечен роднина на денешните членконоги, како што се пајаците и раковите. Било долго 30 сантиметри, а живеело во камбрискиот период, пред 506 милиони години, кога сите живи суштества се наоѓале во океаните.
Научниците објаснуваат дека суштеството имало канџи што личат на гребло и глава со исто така – необичен облик.
Џо Мојсиук од Кралскиот музеј при Универзитетот на Торонто, нагласи дека камброрастерот кој личи на рак, живеел на морското дно, хранејќи се со организмите од тињата.