Братството на витезите од Тастевен одлучи 420 шишиња вино од Бургоњскиот регион да ги пушти на „пат околу светот за 80 дена“ и на тој начин да ги прослави 80-те години од постоењето на организацијата.
Целта на ова патување е да се покаже дека транспортот на виното не го менува вкусот на овој пијалок, пренесуваат француските медиуми.
-За да ги прославиме 80 години од постоењето се сетивме на Жил Верн и организиравме пат за 80 дена. Ова е симболично патување што треба да покаже дека транспортот не му штети на вкусот на виното, тврдат претставници на братството, кои го промовираат Бургоњ, а посебно вината и кујната на овој регион.
Бургоњ извезува 60 отсто од произведеното вино.
Шишињата изминатиот викенд тргнаа на пат од Кло-Вого во правец на Авр. Тие ќе ги минат Панамскиот и Суецкиот канал и ќе стигнат и во Австралија.
Братството кое брои 1.200 членови на 25 октомври во дворецот Кло-Вого ќе организира свечена прослава на роденденот, каде ќе се дегустираат најквалитетните бургоњски вина.