Вилер-Котре – родното место на големите француски писатели Дима

Од:

Градот Вилер-Котре е родното место на Александар Дима, писателот чии дела, како „Тројцата мускетари“, „Грофот Монте Кристо“ „Кралицата Марго“,благодарение на бројните екранизации, денеска се попознати и од самиот автор.

Александар Дима, како што самиот запишал, останал врзан за градот во кој е роден на 24 јули 1802 година.

– Врзан сум за Вилер-Котре, малиот град во департмантот Ен, сместен на патот што води од Париз до Лион. Роден сум 200 чекори од улицата во која умре Демустије, две места од Ла Ферте-Милон, родното место на Расин, и седум места од Шато-Тијери, каде се родил Лафонтен.

Населбата настанала на крајот од шумата Рец, голем шумски комплекс, поголем од 13.000 хектари, каде француските кралеви доаѓале во лов. На местото на ловечките куќи кралот Франсоа Први меѓу 1532 и 1554 година изградил ренесансен замок што посебно го краселе елементи на декорација во ентериерот. А околу замокот се населувале занаетлии кои ја опслужувале дворската свита.

Во овој замок се случил уште еден многу важен настан за Франција. Одлуката на Франсоа Први позната и како Указот од Вилер Котре, со кој од 6 септември 1539 година францускиот јазик станал задолжителен и ги заменил латинскиот и провансанските јазици кои до тогаш биле користени во официјалната коресподенција.

Од тогаш сите акти се пишувани исклучиво на француски јазик.

На тој начин, еден голем крал и познат писател, секој во својот домен, ја направиле историјата на овој град важна не само за Франција.

Во центарот на градот се наоѓа голем споменик на Дима, сместен на висок постамент, излеан во природна големина, што доминира со плоштадот. Плоштадот денеска го носи неговото име.

И додека седите на терасата од блиското кафуле, со фокусиран поглед во доминантната фигура на големиот писател со перото в рака, келнерот, кога ќе го забележи вашиот испитувачки поглед, ќе ви каже дека Германците за време на Втората светска војна го урнале споменикот и дека од тој првобитен споменик е зачувано само перото кое писателот го имал в рака и кое е придодадено кон обновената статуа.

Дима починал во декември 1870 година за време на француско-пруската војна, па бил погребан во едно место во Нормандија, бидејќи Вилер-Котре во тоа време бил под окупација. По војната неговиот син Александар Дима помладиот, писателот на „Дамата со камелии“, го пренел неговото тело во семејната гробница. На локалните гробишта останал се до 2002 година, кога неговите останки се пренесени во Пантеон, местото на бесмртниците, каде почиваат личностите кои придонеле за големината на Франција.

Сеќавањето на Дима е многу видливо во родниот град. Покрај споменатиот споменик, недалеку од центарот се наоѓа и неговиот музеј, што го чува споменот на тројцата Дима: генералот Дима, Александар Дима таткото и Александар Дима синот. Тука се чуваат делата на двајцата писатели и предметите што му припаѓале на семејството.

Гратчето што денес брои малку повеќе од десет илјади жители е оддалечено од Париз точно 81 километар.

Би можело да ве интересира

Ќе бидам со по еден маж од секоја држава-необична цел на 27 годишна девојка

Предраг Петровиќ

Листа на најевтини и најскапи патувања за 2023 година: Сместување само 17 евра

Предраг Петровиќ

Хрватски остров меѓу 10-те најубави во Европа ФОТО

Предраг Петровиќ

Туркменистан, најверојатно, ја затвора „Портата на пеколот“

Ана Ололовска

Истражување: Турција има најевтини кинобилети

Ана Ололовска

Палата со уникатно, скапоцено зелено опкружување во Кина

Ана Ололовска