24 денови, 18 градови, девет држави, неколку нови, искрени пријателства и една огромна, незаборавна авантура. Август 2014-та e сегмент од животот кој засекогаш ќе остане длабоко врежан во нивните сеќавања.
Во организација на Граѓанска асоцијација МОСТ, 12 студенти избрани по пат на јавен конкурс, ова лето добија уникатната можност еден месец да се чувствуваат како вистински Европејци.
Своите доживувања студентите ги раскажаа низ есеи и ги преточија во фотографии. Фотографиите, беа изложени во Концепт 37, каде посетителите можеа да ја видат Европа низ нивните објективи. Во рамките на изложбата беше промовиран и краток филм од почетокот на нивното патување во Берлин.
Сеќавајќи се на патувањето Кристина Мерџановска ќе напише: „Чекорејќи по далечното европско тло, сфатив дека иако мојот сон се претвори во јаве, никогаш нема да престанам да сонувам. Жарот за истражување на непознатите територии и различните култури нема никогаш да згасне, а мотивацијата која ја добив после ова патување е посилна од кога и да било досега. Всушност, само на овој начин, учејќи и разбирајќи ги различностите, како и согледувајќи ги бројните сличности, умееме светот да го сплотиме во едно.“
Сите 12 македонски студенти пристигнаа во Берлин, каде три дена се дружеа со околу 200 студенти од целиот регион, кои исто така беа дел од проектот. Од тука секој тргна по својот пат. Холандија, Франција, Италија, Шпанија, Португалија, Словачка, Австрија, … Секој имаше можност сам да избере што сака да види и каде сака да ја промовира сопствената земја.
Кире Трајков, еден од студентите кој беа дел од проектот, воден од мислата на Свети Августин – Светот е книга, а оние што не патуваат читаат само една страна, изјави: „Јас овојпат прочитав многу страни. Северни, западни, јужни…И сите беа различни. И сите беа убави. И сите ја нудеа својата приказна која ја прераскажуваа преку историјата, архитектурата, навиките, луѓето…“ За крај во својот есеј Кире ќе напише: „Единствената личност која што те спречува да бидеш среќен си ти самиот. Јас велам, животот е премногу краток за да слушаме како треба. Патувај и направи го тоа сега!“
Дополнителна вредност на проектот е што истиот допринесе за позитивно претставување на Македонија на обичните граѓани на ЕУ. Секој студент дистрибуираше брошури во кои беа претставени значајни знаменитости од Македонија. Ова е осма година по ред како студентите на овој начин придонесуваат за позитивна афирмација на земјата.
Со помош на донаторите и спонзорите на проектот, МОСТ на студентите за времетраење од 1 месец, им обезбеди Inter Rail карта, за неограничено патување со воз, патничко осигурување донирано од Еуролинк и ISIC картичка донирана од Аурора Турс. Дел од потребните средства за патување на платежна картичка ги донираше НЛБ Тутунска банка, а пак промотивните брошури ги обезбеди Националната агенција за развој и поддршка на туризмот. Сите информации за проектот и слики од патувањето достапни се на www.patvoevropa.org.mk, како и на ФБ страната на проектот.