ВИДЕО: Северина главна ѕвезда на десетдневниот Струмица опен фестивал

Од:

Од 10 до 20 август, по втор пат во Струмица ќе се одржи културно забавната манифестација „Струмица опен фестивал“. Цели десет дена струмичани, ќе можат да уживаат во богатата понуда која ќе се реализира на повеќе локации во градот.

Промоции на книги, изложби, театарски претстави, концерти се само дел од годинашната понуда, која беше презентирана на денешната прес конференција. Според најавите и годинава најатрактивен ќе биде музичкиот дел на фестивалот кој ќе заврши со настапот на најатрактивната балканска ѕвезда Северина.

За градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, овој фестивал минатата година се потврди како успешен и се надева дека и ова издание ќе биде полн погодок за струмичани во жешките августовски денови.

– Се надевам дека и годинава ќе уживаме сите во она што минатата година беше исчекор, а еве годинава прераснува во традиција. Да бидеме гостопримливи и добри домаќини кон сите што ќе дојдат. Пред се, очекувам поддршка од нашите млади сограѓани кои и најмногу учествуваат со свои сугестии околу учесниците на фестивалот, Северина беше најубедливата од тие што беа на располагање.

– Општина Струмица, оваа година во финансискиот дел учествува со три милиони денари, лани беа 2,5 милиони денари, а годинава издвоивме повеќе оти правиме десетдневен фестивал, а финансиска поддршка ќе има и од повеќе спонзори. Апелирам и до нашите угостители, да направат напори да бидат носители во голем дел на она што значи поставување на шанкови со храна и пијалоци за гостите. Исто така, апелирам и до граѓаните, масовно да излегуваат во сите овие десет дена, бидејќи секој ден ќе има своја убавина, рече на денешната прес конференција градоначалникот на Струмица, Зоран Заев.

Десетдневниот фестивал ќе почне на 10 август со најмасовното оро на Балканот во кое ќе учествуваат 500 фолклористи од 5 градови во Македонија и гости од Бугарија и Турција.

Од 11 до 15 август планирани се трка на келнери и бармен куп, концерти на повеќе бендови од државата и надвор од неа, промоции на книги, вечери на поезија, филмови, театарски претстави, ликовни колонии. На 16 август на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе биде отворена големата музичка сцена на која први ќе настапат струмичката група Јупитер, потоа Амадеус и Жељко Самарџиќ.

И на 17 август први ќе настапат членовите на струмичкиот бенд Френде, а по нив Рибља чорба, Суперхикс и Кирил Џајковски со неговиот комплетен состав. На третата музичка вечер, на 18 август, ќе се одржи трибут за Гоце Арнаудов, потоа ќе настапат Џамбо Агушев со неговиот бенд, Ален Исламовиќ и големата отворена сцена на плоштадот ќе биде затворена со настапот на најатрактивната балканска ѕвезда Северина.

Струмица опен фестивал ќе заврши на 19 август, светскиот ден на хуманоста, со продажба на делата создавани на ликовната колонија, а средствата ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Организатор на Струмица опен фестивал е здружението Културно забавен живот. Според Петар Божинов, богатата понуда ќе им овозможи на струмичани да уживаат во десетдневната културно – забавна манифестација.

 

Би можело да ве интересира

Тешка сообраќајна несреќа во Струмица, повредени неколку лица

А1он

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

Струмичани ќе се возат во јапонски автобуси од 700.000 евра

Орце Костов

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов