Хуманоидните роботи на кинеската компанија „Унитри“ повторно привлекоа големо внимание на јавноста, овој пат со настап на голема музичка сцена во Кина. Нивниот модел G1 се појави на концертот на популарниот кинески пејач Ванг Лихом, одржан во петокот вечерта во Ченгду.
Роботот G1 веќе стана вирален на социјалните мрежи, од снимки на кои прецизно дрибла кошаркарски топки до контроверзни видеа во кои некои стримери во живо физички го напаѓаат пред камерите. Сепак, неговата техничка способност е несомнена: роботите можат да изведуваат тешки кунг-фу движења, но и да издржат моќни удари без да ја изгубат рамнотежата.
На концертот во Ченгду, роботите настапија рамо до рамо со човечки танчери, облечени во впечатливи костими со широки панталони и сјајни кошули. Видеата покажуваат како нивните танцови движења речиси совршено се вклопуваат со кореографијата на сцената, а во еден момент неколку роботи изведуваат салто напред во речиси совршена хармонија.
youtube.com/watch?time_continue=31&v=O-fEPT2iZDk&embeds_referring_euri=https%3A%2F%2Ffuturism.com%2F&source_ve_path=MjM4NTE
Концертот се одржа како дел од турнејата „Најдобро место“ на Ванг, во мултифункционалната сала на спортскиот парк Ченгду Донг’ан Лејк, која има капацитет од околу 18.000 гледачи.
На официјалната веб-страница на пејачот е наведено дека ова е редок пример за интеграција на роботски танчери во концертна изведба, каде што напредната технологија е комбинирана со енергијата на живата музика. Како што е наведено, за време на изведбата на песната „Open Fire“, роботски танчери се појавија на сцената и се движеа во совршена синхронизација со кореографијата на Ванг Лихом.
„Многу обожаватели ја опишаа оваа изведба како еден од најкреативните моменти на турнејата, покажувајќи како музиката и технологијата можат природно да се спојат“, се наведува на страницата.
Реакциите на социјалните мрежи не изостанаа. „Добро… роботите во Кина се на сосема друго ниво. Тие можат да прават сè, дури и да танцуваат како професионалци“, напиша еден корисник.
Покрај големите сценски настапи, Unitree планира да ги донесе танцувачките G1 роботи и во домовите на корисниците. Компанијата неодамна претстави нова функција наречена „Keep the Music Going, Keep the Dance Flowing“, за која вели дека е развиена во текот на изминатите неколку дена и сè уште не е достапна за клиентите.
Во промотивното видео, роботот танцува во диско ритам, но исто така е удрен со фудбалска топка и со метла од вработен, што предизвика непријатност кај публиката. „Прво танцуваме“, напиша еден корисник покрај фотографија од Терминатор од познатата филмска франшиза. „Потоа умираш“.
