Во еден од најтрогателните изрази на заедништво во тагата и во гордоста видени во последните години, илјадници жители на Нови Сад вечерва излегоа на улиците за да се простат од нивниот сограѓанин, големиот поет и музичар Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина денеска на 67-годишна возраст.
На снимките од градот во кој Ѓоле живееше целиот свој живот и на кој му посвети многу песни и стихови, се гледа како луѓето, горди што го имале за сограѓанин, палат свеќи и положуваат цвеќе, додека се слушаат неговите најголеми хитови, кои одбележаа цели генерации.
Градските власти во Нови Сад прогласија ден на жалост, а во Градската куќа вечерва се изгасени светлата и знамињата се спуштени на половина копје во сеќавање на починатиот уметник.
Zastave su na pola koplja, izvori potvrđuju – biće sutra Dan žalosti. #NoviSad #Balašević pic.twitter.com/lSxYElw0Td
— Lazar Čovs (@Popravljam) February 19, 2021
Веста за смртта на Балашевиќ одекна силно насекаде низ ексјугословенските простори, а изразите на почит за неговото влијание не само во музиката, туку и во помирувањето на народите во овој дел од Балканот, стигнуваат од сите поранешни републики.
Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор на Твитер се потсети на хитот на Балашевиќ „Девојка за чардаш ногама“, велејќи дека тоа било време на младост, љубов и песна и на Ѓоле.
„И повторно замина дел од животот,“ напиша Косор.
Djevojka sa čardaš nogama, eh, pjevalo mi se u nekom divnom davnom vremenu. Sve je to bila mladost i ljubav i pjesma i Đole. I opet ode dio života.
— Jadranka Kosor (@_Jadranka_Kosor) February 19, 2021
Меѓу стотиците пораки на познатите личности од екс-ју просторите, една беше и на прославениот актер Раде Шербеџија, кој рече дека на Балашевиќ треба да му се подигне споменик.
„Беше тој мој Ѓорѓе голем уметник, еден од најголемите, и низ уметност и низ човечноста, храброста и хуманоста. Треба да му се подигне споменик,“ изјави Шербеџија за српските медиуми.
„Само ќе ми дојдеше од зад грб и ќе ми речеше: Дојде, баќо… Отпеа неколку песни, ме бакна и исчезна. Беше божествен,“ се потсети познатиот актер за познанството со Балашевиќ.
„Панонскиот морнар“, како што самиот себеси се нарече на еден од своите рани албуми, почина денеска на Инфективната клиника во Белград, каде неколку дена се лечеше од тешка пневмонија предизвикана од инфекција со коронавирусот.