Градоначалникот на Пула, Филип Зоричиќ, кој го привлече вниманието на регионот поради забраната за настап на српски пејачи во тој град, е снимен во кафеана како ужива во песната „Изнад Тешња“, која ја пее Халид Бешлиќ.
Тој за хрватските медиуми потврди дека тој е на снимката и изјави дека тој и неговата сопруга биле приватно поканети на прославата на 30 години мал ресторан во Пула, бидејќи бил класен раководител на детето на сопственикот и тоа било снимено само додека влегувале внатре.
Според „Индекс“, на видеото се гледа дека Зоричиќ бил расположен.
На прашањето дали верува дека музиката што се слуша припаѓа на „музички вкус кој не припаѓа на климата, менталитетот и духот на Пула“ (формулацијата што ја употреби при објаснувањето на одлуката за забрана за настап на српски пејачи), Зоричиќ рече:
„Никогаш не сум се занимавал со тоа кој што слуша во приватен простор. Ова е приватен простор и немам што да објаснувам“.
„Индекс“ наведува дека Зоричиќ на забавата поминал околу половина час.
За потсетување, градоначалникот на Пула, Филип Зоричиќ го забрани концертот што требаше да се одржи на 25 март во Спортскиот центар во Пула. На концертот требаше да настапат Душко Кулиш, Драган Којиќ Кеба, Ана Бекута и Зорана Миќановиќ.