Кога ќе се спомене веренички прстен, првата асоцијација којашто секогаш ни паѓа на ум е скапоцениот дијамант: светкав, впечатлив, исклучително вреден и неуништлив дар од природата. Нешто што секоја жена би сакала да го има во нејзината колекција со накит. Вереничкиот прстен претставува симбол на вечната љубов, лојалноста, верноста, посветеноста и споделувањето на заедничките соништа и иднината со партнерот. Но, за жал барем кај нас во Македонија, понудата на прстени е навистина мала, а приходите на повеќето мажи не се доволно големи за да можат да ја изненадат својата партнерка, запросувајќи ја со дијамантски прстен, бидејќи е неверојатно скап.
Поради тоа честопати се оди на одбирање некоја не толку скапа алтернатива, како што е на пример прстенот со циркони или поточно кажано „cubic zirconia“. И покрај тоа што на почетокот ќе изгледа убаво, со тек време ќе забележите дека тој нема никаква издржливост, брзо се гребе, го губи сјајот и генерално, има многу ниски оптички својства. Со други зборови, тој едноставно не успева да ја носи симболиката на она што би требало да претставува вереничкиот прстен. Поради тоа дијамантите, сè уште важат како највреден камен и остануваат да бидат омилен избор за свадбениот накит.
Но, доколку ја посетите социјалната мрежа Инстаграм, бидејќи ви е потребна мала инспирација за веренички прстени, најверојатно ќе останете збунети, кога ќе го здогледате неверојатниот блескав сјај којшто го имаат прстените т.н. moissanite engagement rings. Запознајте ја алтернативата на дијамантот, кој се повеќе го освојува пазарот на генерацијата Y. Моисанитот е лабораториски создаден камен, за којшто не е потребно рударење, а има многу слични хемиски својства како дијамантот и има значително пониска пазарна цена.
Потекло и историја на моисанитот
Моисанит е скапоцен камен, којшто толку многу блеска и свети, што научниците знаеле да кажат дека е „роден од ѕвездите“. Првенствено бил откриен од францускиот научник Хенри Моисан, во 1893 г., кој подоцна има добиено Нобелова награда за хемија. Тој пронашол микроскопски честички од овој камен во Аризона, во кратер создаден од метеорит кој паднал на Земјата пред околу 50.000 години. Првата мисла му била дека пронашол дијаманти, но подоцна констатирал дека кристалите биле сочинети од силициум карбид.
Го поминал остатокот од животот обидувајќи се да го рекреира овој драгоцен камен во лабораторија, но тоа се случило дури во доцните 90-ти години, кога научници кои работеле во лабораторија за истражувања во Северна Каролина, развиле иновативен термален процес што создава кристали од силициум карбид. После долги години поминати во разни обиди и експериментирање, честичките пронајдени од Моисан биле успешно синтетизирани за да се направи еден од најблескавите скапоцени камења во светот. Природниот моисанит е неверојатно редок, поради што оној којшто денес е достапен на пазарот, е создаден исклучиво лабораториски.
Синтетизираните кристали од силициум карбид се без ниту една мана и ги поседуваат истите својства како и природните, како резултат на постојаното усовршување на хемискиот процес. Овие кристали денес поради помодарство се нарекуваат моисанитни драгоцени камења, коишто се најјаки ривали на секој друг природен драгоцен камен, поради својата сјајност и блескавост. Овие камења направени од човекот, се потрајни и од дијамантот, сафирот, рубинот и смарагдот.
Разлики помеѓу својствата на моисанитот и дијамантот
- Трајност
Скапоцените камења се мерат на Мосовото скалило на цврстина, коешто ја одредува издржливоста и отпорноста на каменот од оштетувања. На оваа скала, моисанитот покажува цврстина од 9.25 (рубинот и сафирот имаат 9, а смарагдот 7.5), што претставува многу добар резултат, којшто го вбројува во еден од најцврстите супстанци на Земјината топка, многу погоден за секојдневно носење, особено во облик на веренички прстен.
Од друга страна, дијамантите се најцврстиот познат минерал, кој има цврстина 10 на Мосовата скала. Поради својата исклучителна цврстина, дијамантите имаат голема трајност и се идеални за секојдневно носење. Поради ова и се најпопуларни на пазарот на веренички прстени.
Ова значи дека моисанитот е многу цврст камен и за разлика од мекиот и лесно-гребливиот циркон, овој нема ниту да се изгребе, нити да изгледа безсјајно и потемнето на вашата 25-годишнина од брак.
- Сјајност
Моисанитите повеќе блескаат и од дијамантите. Дијамантот има 2.42 индекс на рефракција (RI), моисанитот 2.65-2.69 RI, додека рубинот и сафирот имаат 1.77 RI, а смарагдот 1.58 RI. Блескотот е негово најзначајно оптичко својство. Како и да е, важно да се каже дека моисанитите манифестираат поинаков тип на сјајност во однос на дијамантите. Силните одблесоци во боите на виножито на моисанитот се обожавани од некои, но други се жалат дека неговата преголема сјајност, може некојпат да создаде и ефект на диско-топка, особено кога е изложен на сончева светлина. Колку што е поголем моисанитот, толку позабележлива ќе биде разликата од дијамантот.
Поинаквата сјајност е она поради коешто е возможно да се разликува моисанитот од дијамантот. Дијамантот рефлектира светлина на три различни начини. Белата светлина којашто се рефлектира, честопати се дефинира како сјајност, додека пак кога низ дијамантот се забележува прекршување на бои, тоа се нарекува дисперзија. Третиот начин на којшто дијамантот рефлектира светлина е преку искрите коишто можат да се забележат на неговата површина, или т.н. треперлива светлина. Комбинацијата добиена од овие три типа одблесоци, му го дава на дијамантот познатиот блескот по кој е познат.
- Боја
Моисанитот е безбоен, но сепак може да проектира жолтеникава или сивкаста нота, кога е изложен под одредени светлини. Тука повторно ќе кажеме, колку е поголем моисанитот, толку позабележителна ќе биде и бојата и полесно е да се идентификува, односно да се разликува од дијамантот.
Безбојниот дијамант, без разлика дали е природен или лабораториски создаден има природна рефлексија од околните бои и не содржи траги од жолта, кафена или сива боја, што резултира со сјаен, заслепувачки, светло-бел изглед.
- Дисперзија
Дисперзијата се однесува на ефектот на призма којшто се добива кога чиста, бела светлина навлегува во нетранспарентен предмет и се прекршува во спектрални бои на виножито и рефлектира во набљудувачот. Дисперзијата на моисанитот е 0.104 и таа ја надминува дисперзијата на кој било друг драгоцен камен, вклучително и на дијамантот, рубинот, сафирот и смарагдот. Попрецизно кажано, дисперзијата на моисанитот е за 2.4 пати поголема од таа на дијамантот.
Колку чини моисанитот?
Моисанитот чини значително помалку од дијамантот. Додека еден карат дијамант може да ви го „олесни џебот“ за околу 5.000 американски долари, моисанит со слична големина, ќе ве чини само 700 долари. Како и да е, имајте на ум дека големината на еден дијамант се мери во тежина, односно во карати, а моисанитот обично се мери во милиметри. Тоа е така, поради нивните различни тежини. Ова значи дека треба да нарачате моисанит со големина од 6.5 мм, за да добиете слична големина како дијамант од 1 карат.
Каде може да се купи моисанит?
Моисанитот може да се најде во некои златари ширум светот коишто се занимаваат со продажба на исклучиво овој драгоцен камен. Сепак, наједноставниот и најдобар начин да купите ваков прстен е онлајн, преку разни познати брендови. На нивните сајтови можете да најдете огромен избор од разни форми на прстени од моисанит, како и друг вид на накит. Доколку го знаете бројот на прстенот, сè друго е лесно. А дури и да не го знаете, поправката не би ве чинела многу.
Придобивки од моисанитот:
- Тој е еколошки
Бидејќи се создава во контролирани услови, со помош на употреба на напредна технологија, нема потреба од рударство за да се произведува. Поради тоа, неговото создавање може комплетно да се следи и е од еколошка природа. Во споредба со природните драгоцени камења, синтетички создадениот моисанит создава многу помали емисии на јаглерод диоксид, што резултира во многу помало штетно влијание врз животната средина. Поради ова, скапоцениот накит изработен од моисанит и еколошки, ги исполнува највисоките стандарди за екологија.
- Тој е отпорен на гребење, нагризување, кршење и ронење
Моисанитот е долготраен, цврст и екстремно отпорен на гребење, кршење и оштетување. Со бројка од 9.25 на Мосовата скала, моисанитот е поцврст од сите други драгоцени камења, освен од дијамантот.
- Тој е отпорен на високи температури
Моисанитот е отпорен на високи температури, повеќе од кој било друг скапоцен камен, вклучително и дијамантот. Разните тестови имаат докажано дека дури и на температура од 1100 степени Целзиусови, којашто е повисока дури од температурата во еден куќен пожар, моисанитовите камења остануваат недопрени и блескави како првиот ден кога биле создадени. Толерантноста на високи температури, значи и дека не е типично моисанитот да претрпи некакви оштетувања, доколку го обновувате или правите корекции на големината.
- Моисанитот може да биде преправен во друг накит
Искусен златар може да ви го претвори вашиот стар накит со камен од моисанит, во некое ново парче накит.
- Цената е ниска и прифатлива
Пазарната вредност на моисанитот е многу помала во однос на повеќето други драгоцени камења, што го прави лесно прифатлив за голем број луѓе.
- Има огромна трајност
Моисанитот со својата цврстина, е и тоа како прикладен за секојдневно носење. Поседувајќи огромен сјај, одблесок и дисперзија кои се многу поголеми од оние на дијамантот, слободно може да се каже дека моисанитот светка и трепери како ниеден друг драгоцен камен на Земјата. Плус, тој доаѓа со гаранција дека никогаш нема да ги изгуби своите оптички својства и ќе биде подеднакво прекрасен за 20, 30 или 100 години од моментот кога сте го купиле.
Па, момци што чекате? Наместо да фрлате пари на веренички прстен којшто ќе биде прескап за вашиот џеб или прифатлив, но ќе ја изгуби убавината за одредено време, одлучете се за прстен од моисанит, кој и тоа како ќе ја израдува вашата потенцијална идна сопруга и ќе продолжи да блеска, симболизирајќи ја вашата вечна љубов и страст.
Ова е гостинска содржина предложена од Кристина Шумадиева, автор и уредник на Fashion Corner, портал за женска мода и убавина