Рим е подготвен да дочека три милиони верници и туристи в недела, за кога е закажана канонизацијата на папите Јован Дваесет и трети и на Јован Павле Втори, соопштија градските власти.
– Подготвени сме да дочекаме околу три милиони туристи и верници во втората половина на април, изјави градоначалникот на Рим, Ињацио Марино и додаде дека тоа ќе биде „планетарно случување“.
Во Рим за викендот ќе биде зајакнат јавниот превоз со дополителни автобуси, а две линии на метрото ќе работат без прекин. На киосците и автобусите веќе се закачени фотографиите на папите, идните светци.
Вкупно 19 видео бимови ќе бидат поставени во градот, на кои церемонијата ќе може да се следи на неколку јазици: италијански, полски, шпански, француски и арапски.
Марино изјави дека само од Полска се очекуваат 1.700 автобуси, 58 чартер летови и пет специјани возови.
Ќе бидат распоредени дополнително 2.400 припадници на специјалните полициски единици, бидејќи градските власти очекуваат дека е можне да има кражби.
Плоштадот на Свети Петар в сабота вечерта ќе биде затворен за пешаците и отворен в недела.
Неколку илјади волонтери ќе им делат беплатни шишиња вода на туристите и верниците. На улиците на Рим ќе има и неколку стотици лекари од брзата помош.
Папите Јован Павле Втори (Карол Војтила) и Јован Дваесет и трети (Анџело Џузепе Ронкали) беа на чело на Римокатоличката црква меѓу 1978 и 2005, односно 1962 и 1965 година.
Јован павле Втори, прв полски папа, кој уживаше голема популарност во целиот свет, ќе биде прогласен за светец во рекордно време, само девет години по смртта.