Музејот во Ватикан ја разгледува можноста да го ограничи бројот на посетители поради стравот на туристичките водичи дека поради големиот број луѓе би можело да дојде до стампедо, доколку не се направат промени во безбедносните одредби.
Музејот се состои од 54 галерии во кои е сместено непроценливо богатство собрано низ вековите, поради што привлекува повеќе од шест милиони луѓе годишно. За разлика од други туристички атракции, музејот во Ватикан нема ограничувања за бројот на посетителите.
Туристичките водичи велат дека секојдневно во музејот се онесвестуваат минимум десет луѓе, а групите бавно се движат низ долгите ходници кои водат кон најпопуларните атракции. Други посетители доживуваат панични напади или клаустрофобија.
Водичите, кои секоја година за лиценца плаќаат 250 евра, сметаат дека условите се најлоши за време на летните месеци кога бројот на посетители е најголем – повеќе од 30 илјади лица дневно, и кога температирите достигнуваат и до 40 степени.