Прашината, потта и јаглерод диоксидот, кои се повеќе туристи ги внесуваат во Сикстинската капела сериозно се закануваат да ја нарушат убавината на непроценливите фрески на Микеланџело, соопшти Ватикан, кој се надева дека новиот систем на климатизација и осветлување ќе успее да го заштити едно од најпознатите ремек-дела на ренесансниот мајстор.
Околу шест милиони луѓе годишно ја посетуваат оваа пинакотека на италијанскиот ренесансен сликар, за да ги видат познатите, 500 години стари фрески, кои го красат сводот на капелата и кои се сметаат за чудо на западната цивилизација.
Бројот на туристите се зголеми за 300 проценти од 1980 година, кога изнесуваше околу 1,5 милиони лица годишно, појаснува Антонио Паолучи, дирекор на Ватканскиот музеј.
– Денес, Сикстинската капела ризикува да стане жртва на сопствениот успех, истакна тој во напис, објавен во ватиканскиот весник „Опсерваторе романо“.
– Шест милиони посетители е импресивна бројка, но објективно опасна за чување на фреските, додаде тој, наведувајќи дека туристите со себе оставаат мешавина од прашина, пот и јаглерод диоксид, кои ги нагризуваат насликаните ѕидови и се закануваат да ги оштетат.
Работите на поставување на новиот систем за климатизација и осветлување треба да бидат завршени до октомври.
Во текот на летото бројот на посетителите на Сикстинската капела, во која со тајна конклава се избира папата, може да достигне дури до 20 илјади на ден.
Во 1980 година покренати се опсежни реставраторски зафати на фреските, кои траеле 14 години. Тогаш со темелно чистење, односно отстранување на дебелиот слој прашина и чад, кои со векови се таложеле на сликите, како и со отстранување на последиците од невештата реставрација во 18. век, излегоа на виделина оригиналните, силни бои, со кои Микеленџело ги насликал сцените од Блиблијата, меѓу кои една од најпознатите во историјата на уметност е претставата за „создавање на човекот“ во која Творецот со благ допир на прстот на Адам му вдахнува живот.
Ватикан не ја обелодени вредноста на работите на поставувањето на новиот систем, кој го осмислиле музејските експерти и компанијата Каријер, но наведе дека тие ќе бидат финансирани од донации.
Во моментов не постои дневен лимит за влегување на посетителите во капелата, иако е воведен систем за чекање на ред.