„Тинтири Минтири Филм Фест“ од 5. до 7. јуни

Од:

Под мотото „Филмови на големото срце“ од утре до 7-ми јуни во Кинотека на Македонија ќе се одржи првото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“.

Фестивалот е во организација на ДКЦ Тинтири Минтири, Аурипигмент продукција и Кинотека на Македонија.

За официјалната награда се пријавени 96 филмови за деца од цел свет, од кои организаторите одбраа 10 што ќе и бидат прикажани на македонската публика. Новитет на македонската фестивалска сцена е прикажувањето на осум краткометражни филмови изработени од 70-тина деца, членови на ДКЦ Тинтири Минтири.

– Со децата кои се зачленети во центарот работиме на сите аспекти од филмот, почнувајќи од развој на идеја, преку синопсис, сценослед, сценарио, поделба на улоги, глума, режија, камера, тон, монтажа … Нашите членови стекнуваат важни искуства поврзани со филмската уметност и воедно ја задоволуваат потребата за креативно изразување. Со детските филмските дела се верифицира нивниот труд и желба за работа. Нивната возбуда кулминира со премиерното фестивалско прикажување на делата што сами ги направиле, вели раководителот на центарот Тинтири Минтири и директор на фестивалот Кузман Кузмановски.

Целта, како што додава тој, е да остават траен печат во срцата на децата, којшто понатаму може да помогне тие да започнат професионално да се занимаваат со филмот.

Најдобриот филм на фестивалот ќе биде прогласен по гласањето на детската публика. Во рамки на Тинтири Минтири филм фест ќе бидат организирани и две работилници – едната за архивирање на филмовите, на која децата ќе можат да видат како се чува македонското филмско наследство за идните генерации. Втората работилница е за изработка на анимирани ликови и е наменета за деца од 6 до 11 години. Билетите за проекциите се бесплатни за сите посетители.

Организаторите информираат дека во план е во втората фаза, програмата да биде прикажана низ повеќе градови во Република Македонија, со цел што повеќе деца да можат да ги видат филмовите. Поради големиот интерес на децата, ДКЦ Тинтири Минтири ќе се обиде да отвори свои клонови низ државата.

На фестивалот ќе биде објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата за најдоброто сценарио ќе биде снимање филм. Сценариото треба да е со должина најмногу до 10 страници А4 формат, напишано со големина на фонт 12. Сценаријата треба да се испратат на е-маил адресата: [email protected] и на адресата: „В. Мачуковски“ 17 1/1 1000 Скопје.

Центарот продолжува со работа и со организирање на летни активности поврзани со филмот и филмската уметност.

Екипата на Центарот се состои од режисер, сценарист, снимател, актер, педагог, социолог, како и други соработници и популарни и докажани професионалци од аудиовизуелната област. Тимот на Тинтири – Минтири 12 години работи со деца од предучилишна и одделенска возраст во сферата на аудио-визуелните медиуми и театарската уметност, а под водство на Кузман Кузмановски. Меѓу другото, организира работилници за анимација за деца во рамки на македонскиот интернационален фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“. Центарот стои зад реализацијата на играните серии за деца „Патувања со рабробил“ (2004) и „Патувања со рабробус“ (2007).

Би можело да ве интересира

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ

Бред Пит ја откри улогата која му го промени животот: Научив многу

Предраг Петровиќ