Едноставно и многу вкусно …
Потребно е:
2 поголеми тиквички
4 лажици булгур
1 главица кромид
2 чешниња лук
200 гр шампињони
30 гр сув вргањ
125 гр моцарела сирење
сол, бибер
1 лажиче суво оригано
Подготовка:
– Тиквичките излупете ги исечете ги на половина, а потоа секоја половина уште на два дела по должина. Така ќе добиете осум парчиња.
– На секое парче тиквичка издлабете ја внатрешноста, но не ја фрлајте туку ситно исецкајте ја.
– Печурките вргањ оставете ги да набабрат во топла вода.
– Во подлабоко тенџере ставете вода, додадете сол и ставете да се вари. Кога ќе почне да врие ставете ги тиквичките да се бланшираат околу три минути, само малку да омекнат. Извадете ги од водата и тавете ги на хартија да се исцедат. Водата од варењето сочувајте ја.
– Во тава ставете хартија за печење.
– Ситно исецкајте го кромидот. Печурките измијте ги убаво и исецкајте ги на листови. Печурките вргањ извадете ги од водата, исцедете ги и ситно исецкајте ги.
– Во тава на рингла на загреано маслиново масло пропржете го кромидот, а потоа додадете ги и двата вида печурки и ште малку пропржете ги. Додадете го исецканото лукче, ориганото и внатречноста од тиквичките.
– Продолжете со динстањето додека не омекнат сите состојки, а потоа додадете го булгурот. Измешајте и додадете од водата во која ги бланширавте печурките. Повторно убаво измешајте. Тенџерето тргнете го од рингла и оставете булгурот да ја впие течноста. Ако уште не е сосема омекнат додадете уште малку вода. Додадете сол и бибер по вкус. Внимавајте смесата треба да биде густа.
– Тиквичките наредете ги во тавата и премачкајте ги со маслиново масло. Посипете ги со сол и бибер и потоа наполнете ги со претходно подготвената смеса со печурки и булгур. Најодозгора ставете тенки парчиња моцарела сирење.
– Ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 целзиусови степени околу 20 минути.
– Готовите тиквички сервирајте ги топли со салата, варен зеленчук или сл.