Компанијата Тесла во Јужна Австралија ја заврши инсталацијата на најголемата литиум-јонска батерија во светот. Активацијата следи наредните денови.
Батеријата од 100 мегавати е дизајнирана за да обезбеди електроенергија за 30.000 домови. Директорот на Тесла, Илон Маск претходно изјави дека – батеријата ќе биде бесплатна ако не биде инсталирана во рок од 100 дена од потпишувањето на договорот за проектот.
Најверојатно крајниот рок 1 декември ќе биде испочитуван. За таа цел ќе се користи комплексот ветерници на француската компанија за обновливи извори енергија Неоен.
Потребата се појави по зачестените падови на електрична енергија во Јужна Австралија во февруари минатата година поради преоптоварувања. Со ова, се верува дека оваа австралиска сојузна држава, која во голема мера е зависна од обновлива енергија, долгорочно ќе го реши тој проблем.
– Најголемата светска литиум-јонска батерија ќе биде важен дел од нашиот енергетски систем и испраќа доста јасна порака дека Јужна Австралија ќе биде лидер во секторот на обновлива енергија, изјави премиерот на Јужна Австралија, Џеј Ведерил.