На 83-годишна возраст почина жената која ја одбележа историјата на музиката. Тина Тарнер ја знае целиот свет, но не и нејзиниот трнлив пат кој и го сервираше животот.
Двата сина и починаа во рок од 5 години, се обидела да се самоубие бидејќи Ајк ја тепал, среќа најде во последниот сопруг но ја нападна болест. Тој и даде бубрег за да живее – ова е накратко животот на рок легендата.
Детство
Ана Меј Булок, позната како Тина Тарнер, доживеала трауми уште во детството. Нејзината мајка поради малтретирањето и насилството кое го трпела од сопругот, ненадејно и без трага ги напуштила куќата и децата, кога Тина имала 11 години. Две години потоа, нивниот татко повторно се оженил и се преселил, оставајќи ги ќерките кај нивната баба.
Потоа почнала да ги запишува своите чувства и животни ситуации низ кои храбро поминала како девојче, а кои се запишани и во нејзината автобиографија „Јас, Тина: Мојата љубовна приказна“. Во своето пишување таа секогаш се осврнуваше на чувството да се биде несакан и отфрлен.
Како тинејџерка се вработила како домашна помошничка во богато семејство, додека го завршувала училиштето. Еден ден, кога била на работа, дознала дека нејзината постара полусестра загинала во сообраќајна несреќа со двајца нејзини братучеди.
Почеток на кариерата и средба со Ајк Тарнер – Брак полн со стравови
Откако влегла во бендот на Ајк, Тина излегувала со двајца членови на бендот, но со саксофонистот Рејмонд Хил, останала бремена. Се преселила кај него, а во тој момент во истиот дом живеел и Ајк. Таа и Хил раскинуваат дури и пред да се роди нивниот син Крег, Тина стана самохрана мајка во 1958 година.
Започнува афера со Ајк, кој во тоа време имал девојка. Меѓутоа, кога во 1960 година му кажала на Ајк дека не сака врска со него, тој ја удрил во глава и и всади страв во срцето на младата Тина.
Во 1968 година Тина се обидела да се самоубие, поради физичкото и психичко насилство кое го трпела. Проголтала околу 50 апчиња за спиење.
-Се убедував дека самоубиството ми е единствениот излез, но за среќа, немав добра пресметка кога ќе почнат да делуваат апчињата, со возило на брза помош бев пренесена во болница, каде ми го спасија животот. Мојот обид за самоубиство не беше класичен повик за помош, јас тогаш ја избрав смртта. Но, оттогаш никогаш повеќе не се обидов, бидејќи излегов од темнината, мислејќи дека мојата судбина не е смртта – изјави Тина во едно од интервјуата.
Во една прилика додека жестоко се скарале на пат до настап, Тина видела момент и избегала со само 36 центи во џебот. Во 1976 година таа поднесе барање за развод.
Среќен брак со втор сопруг, врв и крај на кариерата
Во една прилика на аеродром го сретнала 16 години помладиот, сегашен сопруг Ервин Бах, со кого започнала среќна врска, а 27 години подоцна стапиле и во брак.
Но среќата не траела долго бидеји болестите надвиснаа над Тина. Во 2013 година, три недели по нејзината венчавка со Ервин Бах, таа доживеа мозочен удар и мораше повторно да научи да оди.
Во 2016 година и беше дијагностициран рак на дебелото црево. Таа користела хомеопатски лекови за лекување на висок крвен притисок, што довело до оштетување и откажување на бубрезите. Нејзините шанси да добие бубрег биле мали и и било кажано да започне со дијализа.
Ервин ја покажал својата љубов и ѝ подарил бубрег за да живее.
Но тажната судбина на Тина не ја остави ни по оваа битка. Во рок од пет години ги загуби двата сина. Најстариот син на Тина, Крег почина во јули 2018 година – се самоубил во својот дом во јули 2018. Имал 59 години.
Минатата година Тина го загуби и вториот син Рони. Тој беше пронајден мртов во неговиот дом во Лос Анџелес. Починал од рак на дебелото црево.
Тина ги посвои и двете деца на Ајк, Ајк Тарнер Џуниор и Мајкл Тарнер и ги одгледа како свои.
Тина охрабри многу жени, зацврсти многу срца со својата песна, ја одбележа младоста и важните моменти во животот на луѓето ширум светот. За крајот на кариерата таа планирала документарен филм за нејзиниот живот, кој ќе носи јасна порака дека животот нуди онолку колку што човек може да поднесе.