Таблетите за прекин на бременоста, кои со децении се користат во развиените земји, кон крајот на оваа или почетокот на следната година ќе бидат достапни и на Балканот.
Од Агенцијата за лекови и медицински средства во Белград објаснуваат дека двете таблети, кои во комбинација предизвикуваат абортус, се веќе регистрирани во Србија и по неопходните контроли за два месеца се очекува нивно пуштање во промет. Тие ќе бидат доставени само во клиниките, не и во аптеките, па затоа нема да се најдат во слободна продажба.
Таблетата претставува два медикамента.
– Едниот е антипрогестерон, мифепристон, а другиот е простагландин, мисопростол, а нивната комбинација го спречува развојот на бременоста и доведува до исфрлање на овуларното ткиво од матката, изјави Катерина Седлецки, специјалист по гиникологија и акушерство и советник во Републичкиот центар за планирање семејство при Институтот за здравствена заштита на мајките и децата во Србија „Др Вукан Чупиќ“.
Според неа овој вид на абортус се врши само во првите девет недели од бременоста.
Таблетата се користи исклучиво под надзор на лекар, во болница. Таа не е безбедна за жените кои имаат вродени нарушувања на метаболизмот или некаква хронична болест.
Седлецки наведува дека искуствата од Шведска, Франција и Португалија, каде овој вид абортус се врши веќе децении, покажуваат дека жените побрзо се одлучуваат за прекин на бременоста со таблета отколку хируршки.
Медикаментниот аборутс трае подолго од хируршкиот и е проследен со болки и подолги крварења. Во болница се пие една таблета, а по 24-48 часа вагинално се дава другата таблета. Пациентката останува во болница во следните четири – пет часа и во тој период завршуваат најголемиот број абортуси. Меѓутоа, доколку до тоа не дојде, повторно се дава друг лек и се чека спонтано исфрлање на плодот. Понекогаш е неизбежно абортусот да заврши по хирушки пат.
Цената на медикаментниот абортус се уште не е утврдена, но се претпоставува дека тој ќе чини речиси исто како и хируршкиот прекин на бременоста.