Скопското астрономско друштво вечер во кафе „Ли“ организира следење во живо на слетувањето на сондата „InSight“ на површината на Марс.
Сондата „InSight“ седум месеци „патуваше“ по интерпланетарното пространство, а треба да слета вечер во 21 часот по средноевропско време. Се проценува дека нејзиното пробивање низ 128 километри дебелата атмосфера на Марс ќе трае шест минути.
Како што информира Скопското астрономско друштво на својата фејсбук страница, преносот во живо ќе го врши Лабораторијата за млазен погон (Jet Propulsion Laboratory – JPL) во Пасадена, Калифорнија.
Дружењето во кафе „Ли“ ќе почне порано, во 20 часот, со кратка презентација за мисијата на „InSight“.
InSight (Interior Exploration using Seismic Investigations, Geodesy and Heat Transport) е истражувачка мисија чија цел е да направи целосен систематски преглед на Марс со помош на сеизмолошки, топлински и радио инструменти и да ги испита, соодветно, кората, внатрешната обвивка и јадрото на планетата.