Претставник на познатата аукциска компанија Сотби денеска соопшти дека на седми април, на аукција во Хонг Конг, ќе биде понудена за продажба стара кинеска вазна, висока само 20 сантиметри, но со астрономски висока цена од 60 милиони хонгонкшки долари, што е сума од речиси 10 милиони американски долари.
Вазната потекнува од периодот на династијата Сонг која управувала во јужна Кина од 1.127 до 1.279 година. Се работи за прилично едноставен примерок на осмоаголна вазна, обоена во млечно-сина нијанса. Наспроти едноставноста на нејзината изработка, бидејки е дел од познатата колекција правена специјално за тогашниот Кралски суд, вазната е еден од најпосакуваните предмети на богатите колекционери. Таа е последниот дел од колекцијата која Сотби во 2.012 година ја продаде за 27 милиони долари.
Хонг Конг, покрај Њујорк и Лондон, е место каде што на аукциите се постигнуваат астрономски суми. Придонес за ова има појавата на поголем број тајкуни во Кина и некои држави на југоисточна Азија. Меѓу рекордните суми достигнати на аукциите во Хонг Конг е продажбата на порцеланска чаша за вино од династијата Минг, лани продадена за 36,05 милиони американски долари.