Надевајќи се дека ќе докаже дека одиграл битна улога во претворањето на Мајкл Џордан во американски културен феномен, Сони Вакаро стави едно свое парче спомен на аукција.
Имено, за него важи тоа дека се залагал за Најки да потпише договор со легендарниот кошаркар. Вакаро сега продава пар потпишани црни „Ер Џордан“ патики што легендата на Чикаго Булс му ги дал како подарок откако ги носел на натпреварот број 4 од НБА финалето во 1991 година.
Во Зум видеоконференција Вакаро (81) рече дека првично сакал неговите внуци да ги наследат чевлите по неговата смрт… Но, морал да се спротивстави на обидите на „Најки“ да го избрише од животописот на Џордан. Нему особено му пречи тоа што бил изоставен од документарецот „Последниот танц“ (The Last Dance).
– Тоа е причината затоа што се продаваат чевлите. Не можам да дозволам овие лаги да продолжат и да опстојуваат, рече Вакаро.
Натаму, тој уште еднаш подробно раскажа како ги споил Џордан и „Најки“, и колку го здоболело тоа што е изоставен од документарецот.
– Тоа ми беше како удар во стомакот. Тоа беше она што ме натера да ги извадам овие уникатни патики „Џордан“ од плакарот и да ги понудам на пазарот. Поентата ми е дека сѐ ова се случи. Мислам дека овој потег ќе ја запре лагата, нагласи Вакаро.
Интернет-наддавањето, организирано од „Сотби“ и „Голдин“, ќе се одржи на 7 декември. Според процените на Кен Голдин, „џорданките“ би чинеле меѓу 500.000 и 700.000 долари.