Свињи се тркалаат во калта, крави пасат трева, кокошките шетаат во овоштарникот … ова е идилична слика од холандска фарма која не е толку традиционална како што изгледа.
Сопствениците и менаџерите на оваа фарма се стотици локални потрошувачи. Нивната цел е да ги променат навиките на Холандија, една од низинските земји што може да бидат загрозени од климатските промени.
Околу 200 семејства одлучуваат што ќе се произведува на фармата, односно што ќе се јаде. Притоа, тие вработуваат селани кои се грижат за животни, овоштарници и зеленчуковите градини.
„Главната цел е нашите членови да јадат природни производи одгледувани близу до местото каде живеат, на најоддржлив можен начин“, вели Дју Кортинг, еден од менаџерите на фармата во близина на Бокстел во јужната Холандија.
Членарината е 2000 евра еднократно, а потоа се плаќа неделна такса од 10 евра по лице. Членовите, пак, ја добиваат храната што ја сакаат, локална и сезонска.
Фармата е оддалечена од градот 10 минути со велосипед. Зафаќа површина од 20 хектари и има 15 крави, 20 свињи и 500 кокошки. Се произведува она што колективно ќе го одлучат членовите, кои добиваат дел.
Семејства секоја сабота доаѓаат на фармата, често со велосипеди, за да ги наполнат торбите со месо, јајца, овошје и зеленчук.
Сè се врти околу природата
Идејата зад фармите, познати како Херенбордериј (народна фарма на холандски) е дека сè се врти околу природата, дури и кога се користи модерната технологија, вели основачот Геерт ван дер Веер.
Холандија е позната по интензивното земјоделство и е втор светски извозник на земјоделски производи по САД.
Меѓутоа, со оглед дека четвртина од Холандија се наоѓа под нивото на морето, државата е особено ранлива на глобалното затоплување, во кое земјоделството игра голема улога.
ООН неодамна предупреди дека начинот на кој светот го користи земјиштето за производство на храна мора итно да се промени за да се спречи глобалното затоплување.
„Нешто треба фундаментално да се промени во нашиот систем за производство на храна ако сакаме нозете да ни останат суви“, вели Ван дер Веер.
Во јуни, холандската министерка за земјоделство Карола Шутен објави нов план вреден 135 милиони евра за да им помогне на земјоделците да се преселат во „кружно“ земјоделство. Целта, според планот, не е повеќе „да се произведува што е можно поевтино, туку да се произведува со што е можно помалку загуби на суров материјал и подобро да се управува со почвата, водата и природата“.
Роботи и дронови
Наскоро ќе се отвори и втора народна фарма во Холандија, овој пат во централниот дел на земјата.
Ван дер Веер потенцира дека тие не ја отфрлаат новата технологија. „Мораме да се вратиме на земјоделството од 1950-тите, кога сè уште знаевме што правиме, но притоа користејќи ја модерната технологија“, рече тој.
Додека тој зборува, во нозете му се маткаат движат кокошки, кои со својот измет ги фертилизираат растенијата што растат меѓу дрвјата, иако и тие еден ден ќе станат храна.
На живината наскоро ќе се придружи робот кој може да почувствува кога плодот е зрел. Пристигнува и дрон, за да ги следи полињата од воздухот и да ја намали потребата од работна сила.
„Она што е сигурно е дека земјоделството апсолутно треба да се промени“, заклучи Кортинг.