Светска банка ќе поддржи макроекономски и климатски реформи во Македонија со заем во вредност од 93,8 милиони евра

Од:

Светска банка ќе обезбеди заем во вредност од 93,8 милиони евра за Северна Македонија, со цел зајакнување на фискалната позиција и финансискиот сектор во земјата, како и поддржување на нејзината зелена транзиција.

Како што соопштија од Светската банка, новото финансирање во рамките на Операцијата за развојна политика на одржливост и отпорност на Северна Македонија, одобрена денес од страна на Бордот на директори на Светска банка, е во согласност со макроекономските приоритети на земјава, според Фискалната стратегија 2024-2028 и Програмата за економски реформи 2023-2025 на Владата.

-Северна Македонија, како и други земји во Европа, се соочува со континуирани инфлаторни притисоци, што ги оптоварува јавните финансии во услови на монетарно затегање и зголемени трошоци за задолжување. Со оваа поддршка, наша цел е да обезбедиме брзи финансиски средства за зајакнување на фискалната одржливост, истовремено поддржувајќи ги неопходните климатски реформи и енергетската транзиција на земјата, рекол Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светка банка за Северна Македонија и Косово.

Новата операција на Светска банка ги поддржува напорите за намалување на зависноста од фосилни горива на Северна Македонија преку подобрена енергетска ефикасност во јавниот сектор, зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија и подобро собирање на податоци во врска со изложеноста на банкарскиот сектор на климатските ризици.

Реформите, се посочува, може да ѝ помогнат на земјата во привлекување на околу 45 милиони евра приватни инвестиции за обновлива енергија, вклучително и инсталација на соларни панели, до 2026 година.

-Соработувавме заедно со меѓународните партнери за да се осигуриме дека нашата поддршка на политики и техничка помош се комплементарни и усогласени со агендата за пристапување кон Европската унија. Се надеваме дека оваа соработка ќе ја зајакне посветеноста на Владата за реформи во здрави макроекономски политики и стабилност на финансискиот сектор, навела Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за Западен Балкан при Светска банка.

Заемот од Светска банка се состои од единечна транша за повлекување од 93,8 милиони евра со рок на доспевање од 11 години, вклучувајќи 4,5 години грејс период, стои во соопштението.

Би можело да ве интересира

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Наместо замрзнување на цените, да се обезбедат подобро платени работни места препорачува Светска банка

Светска банка: Македонија со најнизок економски раст во регионот

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

Светска банка планира да одвои околу 700 милиони евра за спроведување на новата стратегија за соработка со Македонија