Модни агенти од Шведска трагаат по идни топ модели и манекенки во клиниките за лечење на лица заболени од анорексија, објави шведскиот весник „Метро“.
Весникот наведува дека гневни лекари во овие клиники изјавиле оти модни агенти често ги посетуваат нивните институции со цел да пронајдат „идеални“ топ модели.
– Мислам дека ова е страшно. Скаути влегуваат во клиниката или кружат околу неа обидувајќи се да изберат некоја од нашите анокресични девојки, бидејќи знаат дека се многу слаби. Тоа е многу лоша порака за девојките кои се лечат од анорексија, изјави доктор Ана-Марија Аф Сандеберг од Центарот за анорексија од Стокхолм.
„Метро“ посочува дека минатата година Центрот бил принуден да ги промени процедурите за прошетки на пациентите, поради тоа што постојано ги следеле модни агенти.
Голем број од девојките кои се на мета на модните агенти имаат индекс на телесната маса од околу 14 поени. Нормално ниво на овој индекс е меѓу 18,5 и 24,9 индексни поени.