Хафингтон Пост – Њујорк
Иако многу научници сметаат дека се што ќе влезе во црната дупка би било веднаш уништено, најновите истражувања покажаа дека можеби не е токму така.
Во најновите истражувања се наведува дека лице кое би влегло во црната дупка најверојатно би станало холограм, а за тоа нема да биде ни свесно.
Уште пред 40 години физичарот Стивен Хокинг ја шокираше научната јавност кога откри дека црните дупки не се навистина црни. Класичната физика укажуваше на тоа дека се што ќе се најде во близина на црната дупка е проголтано и никогаш не може да излезе надвор. Меѓутоа, Хокинг покажа дека црните дупки емитуваат радијација кога ќе се земат предвид квантните ефекти.
Тоа значи дека на некој начин постепено испаруваат, а ако испаруваат тоа би значело дека информацијата исчезнала во неповрат, што се коси со важното правило на квантната механика според кое информацијата не може да биде уништена или создадена.
Овој парадокс на информации, или што се случува со информацијата содржана во материјата кога ќе навлезе во црната дупка, е прашање кое веќе со децении ги мачи истражувачите.
Поминаа две децении пред научниците да дојдат до потенцијално решение на проблемот. Според нивните наводи, информациите складирани во црната дупка се пропорционални на нејзината површина (во две димензии), а не на нејзиниот волумен (три димензии).
Објаснувањето за тоа може да го пружи квантната гравитација, каде трите димензии на Вселената можат да бидат реконструирани од дводимензионалниот свет без гравитација, нешто што многу би личело на холограм. Недолго потоа, се покажа дека на ист начин теоријата на низите, најмногу изучувана теорија во квантната гравитација, исто така има холографски својства.
Но, се уште не е јасно што точно претставуваат црните дупки опишани во квантната теорија.
Самир Матур од Универзитот во Охајо во 2003 година изнел претпоставка дека во прашање се нејасни топки кои немаат остар хоризонт. Квантните флуктуации во области околу хоризонтот бележат информации за историјата на црните дупки, што би го решило парадоксот за губењето на информациите.
Меѓутоа, оваа теорија наиде на голема критика бидејќи според неа искуството на тој кој ќе потпадне во нејасната топка во голема мера би се разликувало од искуството на лице кое би паднало во црна дупка опишана во теоријата на релативноста на Ајнштајн.
Според теоријата на Ајнштајн, еднаш кога ќе ја преминете линијата на хоризонтот, навлегувате се подлабоко и подлабоко. Научниците сметаат дека многу црни дупки настанале на крајот на животот на големите ѕвезди, кога внатрешниот притисок е недоволен да се справи со сопствената гравитација, поради што ѕвездата се уништува под сопствената тежина.
Колку подлабоко навлегувате во ваква средина, толку времето во просторот се повеќе се преплетуваат додека не доспеат во состојба позната како сингуларност, каде законите на физиката престануваат да важат.
Меѓутоа, во Матуровиот универзум црните дупки се сфери на низи со одредена големина; тие не се сингуларитет.
На надворешен набљудувач нечие паѓање во нејасна топка би изгледало речиси исто како навлегување во црна дупка. Единствена разлика е што тој кој паѓа има сосема поинакво искуство во едната и другата верзија на црна дупка.
Оваа дебата најверојатно ќе продолжи уште некое време. Клучното прашање не е да се разбере дека зоната на хоризонтот може да се реконструира како холограм, туку како се случува тоа.