Познатиот руски патник и свештеник Фјодор Коњуков успешно го мина Тихиот Океан во чамецот „Тургојак“ и дојде до брегот на Австралија.
Коњуков (62) на 22 декември 2013 година исплови од чилеанското пристаниште Конкон и се упати кон Бризбејн во Австралија.
Неговата цел беше да го мине Пацификот во чамец, односно да мине повеќе од 17.200 километри за 200 дена. Океанските ветришта и струи го оттргнаа од првично планираниот курс, па Коњуков избра нова маршрута, 100 километри посеверно од Бризбејн и вплови во градчето Мулулаба, во државата Квинсленд.
Патувањето траеше 160 дена, наведува ИТАР-ТАСС.
Во меѓувреме, веслачкото океанско здружение соопшти дека претходното најдобро минување на јужниот дел на Пацификот во чамец траеше 273 дена. Овој резултат го постигна 52-годишниот Џим Шекдар во 2002 година.
Сестраниот Коњуков е познат и по тоа што двапати се искачи на Монт Еверест, како и на највисоките планински врвови на сите други континенти. Атлантикот го мина за 46 дена, мина 800 километри на Гренланд во санки што 16 дена ги влечеле кучиња, неколку пати одел на Северниот пол и самиот го обиколил целиот Антарктик.
Рускиот претседател Владимир Путин му честита на Коњуков на успешно завршената експедиција, наведувајќи дека со тоа ја продолжил големата традиција на руските истражувачи и авантуристи кои дале значаен придонес за истражувањата на океаните.