Градоначалникот на Рим, Инасио Марино, ја обелодени следната фаза од својот радикален план за преуредување на градот, што предвидува создавање на најголемиот археолошки парк во светот.
Овој 58-годишен хирург, кој неодамна беше избран за прв човек на италијанската престолнина, веќе ги стави на проба нервите на своите сограѓани кога пред една недела го затвори за сообраќај потегот околу една од главните туристички атракции на градот, Колосеумот.
Зборувајќи за следната фаза од својот „голем план за заштита на културното и археолошко наследство на Рим“, Марино најави скорешно уривање на штотуку затворената авенија Виа деи Фори Империјали.
– Нашата намера е тоа да го направиме. Останува да се види како тоа ќе се спроведе, но на крајот улицата ќе исчезне, рече римскиот градоначалник, додавајќи дека целиот овој простор, што ги зафаќа славните царски форуми, ќе биде претворен во најголемиот археолошки парк на светот.
Спомената улица, една од најпрометните артерии во „вечниот град“, во 1932 година ја инаугурира фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини.
Марино предвидува дека бројот на посетители на Рим двојно ќе се зголеми кога ќе се отстрани оваа улица, која Грегори Пек и Одри Хепберн ја овековечија во филмската класика „Празник во Рим“ (1953).
Виа деи Фори Империјали минува преку делата на 2.000 години старите форуми, изградени од страна на римските владетели како средиште на политичкиот, верскиот и економскиот живот на градот.