Египетски археолози открија досега две неистражени гробници во древниот град Луксор. Во нив се пронајдени скулптури, дрвени маски, слики на ѕидовите, и мумија за којашто се верува дека е стара околу 3,5 милениуми.
Археолозите сметаат дека станува збор за мумија на големец од тогашното Ново Египетско Кралство. Египетското Министерство за антиквитети пак, соопшти дека тие две гробници ги пронашол германски археолог во 1990-те, но доскоро биле запечатени, јавува Би-Би-Си.
Гробниците се наоѓаат на некрополата Драа Абуд Нага, позната по храмовите, а е изградена во непосредна близина на Долината на кралевите, во којашто се погребани многу египетски фараони.
Името на мумифицираниот големец не е познато, но од Министерството истакнуваат дека постојат две можности – дека тој се викал Џехути Мес, име врежано на еден од ѕидовите на гробницата, или пак, се работи за поет по име Маати, име коешто заедно со она на неговата сорпуга Мехи, се напишани на предмет најден покрај мумијата.
Другата гробница се уште не е во целост истражена, стои натаму во извештајот.
Во септември тим арехеолози открија и гробница на кралскиот златар Аменамхата, близу Луксор. Во тоа пронаоѓалиште кое исто така, датира од времето на Новото Кралство, беше пронајдена статуа на златарот, во седечка положба, како и статуа на неговата сопруга.