Х-Мен Апокалипса, најновиот проект на Брајан Сингер, на чии визуелни ефекти работеше и македонската компанија ФХ3Х во соработка со студиото МПЦ Техниколор од Лондон, од вечер ќе почне да се прикажува во Скопје.
Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х изјави дека Филмот франшиза за мутантите со супер моќи, содржи спектакуларни ефекти, на кои работеле буквално до пред четири недели. Проектот, посочува, го реализирале од 10 јули 2015 до 15 април 2016 година и на него работеле тим од 90 артисти, а вкупниот обем на работа е околу 20 минути.
– Често зборуваме дека ефектите се во функција на динамиката на дејството во филмот, за да го зголемат доживувањето на гледачите и да им овозможат добра забава на фановите. Ова продолжение нема да разочара, особено што еден од централните ликови во претходните делови, Магнето, сега преминува во тимот на негативците, или дали е така? Останува да погледнеме заедно на 19 мај, изјави Даниловски.
Како што информираат од ФХ3Х, следејќи го успехот на глобалниот хит X-Men: Days of Future Past, режисерот Брајан Сингер се враќа со Х-Мен: Апокалипса. Од почетокот на цивилизацијата Апокалипс е третиран како Бог, првиот мутант од Марвеловиот универзум на Х-Мен, собирајќи ги моќите на многу други мутанти, станува бесмртен и непобедлив. По илјадници години се буди без илузии за светот кој го затекнува, и собира тим на моќни мутанти, вклучувајќи го обесхрабрениот Магнето, кои му помагаат да го пречистат човештвото и да создадат нов светски поредок со кој тој ќе владее. Судбината на Земјата станува неизвесна, и Равен (Џенифер Лоренс) со помош на Професор Џ (Џејмс МекАвој) мора да оформат и да предводат тим од млади Х-Мен за да ја спречат несреќата и да го спасат човештвото.
Х-Мен: Апокалипса повторно ја обединува успешната екипа на Сингер и сите ѕвезди од X-Men: Days of Future Past, вклучувајќи ги Џејмс МекАвој, Мајкл Фасбендер и Џенифер Лоренс, заедно со новите во франшизата – Оскар Ајсак и Оливиа Мун. Филмот ќе започне да се прикажува вечер во киното Синеплекс во Скопје, една недела пред американската премиера.