Граѓаните на Рим и посетителите наскоро ќе можат да го посетат подземјето на познатиот Колосеум. Тоа ќе биде отворено за јавноста по првпат откако е изградено, пишува „Си-Ен-Ен травел“.
Сите заинтересирани ќе може да прошетаат низ ходниците и да го видат просторот каде што престојувале гладијаторите и животните пред да влезат во арената.
Хипогеумот тогаш го осветлувале свеќи, но поради оштетеноста на самиот терен, сончевата светлина сега допира до него.
Подготовките за свеченото отворање траат од 2011 година. Дел од подземјето беше отворено 2016 година, а во 2018 година почна големо реновирање. Зафатите беа накратко стопирани во 2020 година поради пандемијата на коронавирусот и беа завршени во текот на првата половина на оваа година.