Почнува 11. Фестивал на европскиот филм „Синедејс“

Од:

Сто и седум филмови во 11 дена, од денеска до 25 ноември, ќе понуди 11. Фестивал на европскиот филм „Синедејс“, со проекции во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија.

Десет наслови од млади европски автори се во официјалната конкуренција, седум во програмата Синебалкан, пет во селекцијата  МК&ЕУ (европски филмови во кои учествуваат режисери, сценаристи, актери, продуценти од Македонија) и 40 гала-премиери од познати режисери и победници на големите фестивали, за 40-те години постоење на  Младинскиот културен центар, организаторот на „Синедејс“.

Мотото годинава е „Исплакни ја сапуницата од себе, помалку сапун, повеќе филм“ избрано поради  „опсадата од сапуници“ на телевизиите.

Фестивалот ќе почне во „Милениум“ со германско-унгарскиот филм „Вратата“, од програмата на гала-премиери, а официјалното отворање е во вечерниот термин со словенечкиот „Шангајски циган“ во која главниот лик го игра македонскиот актер Висар Вишка. Овој филм е во селекцијата МК&ЕУ, како и филмот за затворање – „Кога ќе се раздени“ на српскиот режисер Горан Паскаљевиќ, во кој играат Зафир Хаџиманов и Мето Јовановски, и со музика на Влатко Стефановски.

Во програмата „Земја во фокусот“ оваа година е  кинематографијата на Египет и ќе бидат прикажани документарни филмови за Арапската пролет. Нивни селектор е Шериф Авад, филмски уредник на списанието Egypt Today, кој е и член на жирито за официјалната конкуренција.

Во жирито се и  македонскиот режисер Вардан Тозија и Јан Харлан – продуцент на филмовите на Стенли Кјубрик, кој е меѓу ѕвездите на „Синедејс“, заедно со Андреас Дресен, големото име на германската кинематографија.

„Синедејс“  ќе има и неколку музички документарци, кратки филмови од македонската продукција, првпат и поетски филмови, остварувања на млади италијански режисери, како и придружни настани –  работилници и концерти, меѓу кои на Тони Китановски и Черкези оркестарот за отворањето вечер и настапот на „Беи д фиш“ на 24 ноември во МКЦ.

Буџетски фестивалот е поддржан со околу 1,5 милион денари од Министерството за култура, Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје а, поголем дел од трошоците се покриени со приходите во „Милениум“ и МКЦ.

Би можело да ве интересира

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Предраг Петровиќ

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата