Ревиите на Јован Петровски и Јована Филиповиќ го означија стартот на десеттото издание на Моден викенд Скопје, вчеравечер во мултимедијалниот центар „Мала Станица“ во Скопје.
Двајцата дизајнери беа дел и од првиот Моден викенд Скопје.
Петровски кој последните неколку години гради успешна кариера на Тајланд, вчеравечер се „врати“ на Моден викенд со колекциите од луксузните брендови „SQUIRE“ и „BLACKOUT“.
„BLACKOUT“ е артистичко-традиционална рачно изработена прет-а-порте линија за облека од Бангкок а „SQUIRE“ нов, луксузен бренд, основан од Петровски, подоцна развиван во соработка со „The Blackout Crew“. Прет-а-порте колекцијата е концептуална, елегантна но сепак нослива. Парчињата се движат кон остри исечоци и минималистичка експресија, иако исполнета со детали. Линијата на „SQUIRE“ нуди и машка и женска облека. Двата модни бренда, „BLACKOUT“ и „SQUIRE“, се посветуваат на формата и на целината повеќе од демонстрација на боја, текстил и современо крпење.
Модното шоу на Јован Петровски го следеше музички перформанс на Сашко Костов кој компонираше музика специјално за ревијата.
Дизајнерката Јована Филиповиќ поддржана од „Bаuerfeind“, ја презентираше колекцијата „Where the wild things are“, за есен/зима 2014/ 2015 година , која е во знакот на сафари шикот.
„Динамична љубовна афера. Тој и таа. Млади, урбани, заводливи, грациозни. Денскиот урбан и егзотичен look, кој дивее низ саваната, ноќе се претвора во гламурозен, лелеав, моќен. Подготвен за луксузна вечера со свеќи, каде што мирисот на шафран и цимет опива и ја буди внатрешната, дивата страна во нив. Приказна составена од
околу 23 модели, машки и женски, кои претставуваат симбиоза на естетика и
функционалност. Прикажани се неутрални и монохроматски палети на бои, декорирани
со анимал принтови, „oversize“ јакни и капути, и веќе традиционално -минималистички кроеви и форми.“, вели дизајнерката Филиповиќ за својата актуелна колекција.
Вчера започна и работилницата „Модно блогирање и фотографија“ водена од Ребека Рој- успешна британска стилистка и модна уредничка од Лондон. Работилницата е во организација на Моден викенд Скопје и Британски совет во Македонија а ќе трае пет дена.